СДСМ: Поминаа 7 месеци од новата власт, а мерки против загадувањето нема

СДСМ смета дека е зачудувачки и во исто време загрижувачки е како, како што велат, власта на ВМРО-ДПМНЕ со голема леснотија го игнорира загадувањето на воздухот во државата и не презема ништо. Од најголемата опозициска партија тврдат дека кога беше опозиција ВМРО-ДПМНЕ најавуваше над 1 милијарда евра за инвестиции во чист воздух и намалување на загадувањето за 50%.

-Како власт ДПМНЕ сега не презема ништо. Поминаа 7 месеци, мерки против загадувањето нема. Дополнително власта ги намали парите за борба против загадувањето на воздухот за 51% а во буџетот 2025 година ги нема ниту еколошките програми кои со години се реализираа успешно. Ниту еден амандман на СДСМ за еколошоки проекти и зголемување на парите за борба против загадувањето не беше прифатен од страна на власта, соопштија од партијата од „Бихаќка“.

Скопје утрово се најде на четвртото место на листата најзагадени градови во светот, со индекс на загаденост од 187, покажаа податоците од платформата IQAir. Пред Скопје се само Дака, Лахор и Делхи. Изминатите години главниот град е меѓу најзагадените меѓу Европа и светот.

Владата неодамна донесе планска програма за чист воздух за периодот од 2024-та до 2030-та година, која меѓу другото предвидува подобрување на филтрите за индустриите, замена на грејните тела на домаќинства со еколошки решенија и зголемување на инспекциите.

Министерот Изет Меџити, кон средината на декември уште еднаш повтори дека домаќинствата и сообраќајот се уште се најголеми загадувачи, а спасот од екстремно загадениот воздух во гледа во гасификацијата и набавката на електрични автобуси.

Екологистите, пак, изразуваат надеж дека владините мерки ќе се имплементираат во пракса и со конкретни рокови, и оти нема да останат мртво слово на хартија. Од „О2 иницијатива“ предлагаат и пакет мерки за Град Скопје.

Временските услови во наредниот период не одат во прилог на намалување на аерозагадувањето. Македонските градови изминативе недели редовно се при врвот на најзагадени на светските листи.

Пронајдете не на следниве мрежи: