Скопје утрово е петти најзагаден град во светот, со воздух означен во категоријата „нездрав“

Главниот град на земјава, Скопје, и утрово е во првите десет најзагадени градови во светот. Според платформата за мерење на квалитетот на воздухот „Ај-кју ер“, Скопје e петти најзагаден град во светот со индекс 171.

Десетте најзагадени градови во светот во утринските часови, според македонско време / Фото: Принтскрин

Во моментов, според платформата која ја нотира загаденоста во реално време, воздухот во главниот град е означен во категоријата „нездрав“.

Како главен загадувач се наведени ПМ 2,5 честичките, чија концентрација е 84,4 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честичките се со концентрација од 152,2 микрограми на кубен метар.
Според податоците, концентрацијата на ПМ 2,5 утрово е 16,9 пати поголема од годишната вредност на ПМ 2,5 на Светската здравствена организација (СЗО).
Највисоко ниво на загаденост на амбиенталниот воздух, како што може да се види на платформата, е регистрирано во Центар, Лисиче, Ректорат, Гази Баба и Кисела Вода.
Инаку, пред Скопје на непопуларната листа се градот Калкута во Индија, кој е на првото место,  а по него следуваат Лахор во Пакистан, Дака во Бангладеш и Делхи во Индија.
Скопје е единствениот град во Европа кој се наоѓа во првите десет најзагадени градови во светот.
Изминатиот период главниот град на земјава речиси секој ден е во првата десетка на најзагадени градови во светот.
Поради високата загаденост во Скопје, на 10 декември во организација на Иницијативата „Зелен хуман град“ во главниот град се одржа протестен марш против аерозагадувањето.
Од Иницијативата бараат итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните.

Пронајдете не на следниве мрежи: