Спектакуларни ледени пејсажи, планини и тундра, уникатен див свет – Гренланд несомнено нуди безброј мотиви за импресивни фотографии и видеа, особено во ерата на социјалните мрежи. Меѓутоа, дали е оправдано да се оди на кратко туристичко патување на Арктикот, регион силно погоден од глобалното затоплување, е прашање за друга дискусија.
Јавната полемика околу патувањето на американскиот претприемач Доналд Трамп Јуниор има и други причини: неговиот татко ќе го преземе претседателството со САД за неколку дена и е јасно решен Гренланд да го претвори во 51-ва американска држава.
Трамп Јуниор се обиде да го претстави своето патување како невина екскурзија: „Како некој кој ја сака природата и има посетено многу фасцинантни места низ светот, со нетрпение ја очекувам кратката посета на Гренланд оваа недела за да се забавувам“, изјави тој за американската телевизија Фокс њуз пред поаѓање. Во меѓувреме, авионот на Трамп слета на меѓународниот аеродром во Нуук.
Според извештајот на Ројтерс, повикувајќи се на извори блиски до Трамп Јуниор, тој планирал да снима видео содржини за подкаст за време на неговата еднодневна посета и немал намера да се сретне со политичари. Шефот на Министерството за надворешни работи на Гренланд, Мингуак Клајст, за Ројтерс изјави дека Трамп ќе остане четири до пет часа: „Не сме информирани за неговата програма, што укажува дека станува збор за приватна посета“.
Профилот на Инстаграм на самопрогласениот љубител на природата, Доналд Трамп Јуниор е полн со политички објави кои се усогласени со политиката на неговиот татко. Затоа, тешко е да се замисли дека ова патување може да се одвои од агендата на новиот американски претседател, кој повторно ќе ја преземе функцијата за неполни две недели.
Откако победи на изборите во ноември, Доналд Трамп веќе побара контрола врз неколку места надвор од САД. На пример, тој изрази желба Панамскиот канал повторно да биде под американска управа. Откако ѝ се закани на Канада со царини, Трамп дури и предложи идеја за спојување на двете северноамерикански земји.
Сепак, неговите барања кон Гренланд се најсилни. Уште во 2019 година, за време на неговиот прв мандат, Трамп покажа интерес за купување на оваа данска територија. Кога данската премиерка Мете Фредериксен ја отфрли идејата, Трамп ја откажа официјалната посета на Данска.
Во последните недели Трамп ги повтори своите желби. Пред заминувањето на неговиот син, тој објави видео во кое човек во МАГА капа го повикува Трамп да го купи Гренланд и да го „ослободи од данската колонијална власт“.
Трамп им ветува заштита на Гренланд и неговите 56.000 жители, но не ги наведе причините за своите аспирации. Економски и геополитички, контролата врз богатите ресурси на Арктикот би го зголемила американското влијание во регионот, каде поради топењето на ледените маси и Русија и Кина сè поагресивно ги истакнуваат своите барања. САД веќе имаат арктичко крајбрежје благодарение на Алјаска и од 1951 година одржуваат воздухопловна база во северозападниот дел на Гренланд.
На прес-конференцијата во неговата резиденција Мар-а-Лаго во вторникот (7-ми јануари), на запрепастување на присутните, на прашањето од новинар дали може да ја исклучи можноста за воена сила во неговиот стремеж кон „земање“ на Панамскиот канал и Гренланд , Трамп јасно рече дека „не може“.
Гренланд, сепак, станува средство во поголема игра, привлекувајќи критики од политичарите како Аја Кемниц, претставничка на Гренланд во данскиот парламент: „Не сакам да бидам пион во дивите соништа на Трамп за проширување на неговата империја“, напиша таа на Фејсбук.
Во меѓувреме, во внатрешната политика на Гренланд, се води поинаква дебата околу идната власт над островот. Во своето новогодишно обраќање, премиерот Егеде повика на „важен чекор кон независноста“. „Иднината и државата ни припаѓаат нам!”
Гренланд, населен со Инуити, бил колонизиран од Данска и Норвешка во 18 век, а подоцна преминал под данска управа. По Втората светска војна, формално беше деколонизиран, но сепак со брутални потези на данските власти, како што е присилната стерилизација на жените и принудното преселување на децата во Данска. Овие дела дури сега систематски се истражуваат, што дополнително ја зајакнува желбата на многу Гренланѓани за целосно одвојување од Данска.
Кога во април ќе бидат одржани изборите за нов парламент во автономниот регион, поборниците за независност очекуваат дополнителен ветер во грбот. Егеде во својот говор истакна дека парламентот веќе работи на нацрт-устав за суверен Гренланд.
Меѓутоа, прашањето е дали Гренланд може да опстане како економски независна земја. Копенхаген годишно испраќа околу 550 милиони евра на Гренланд, што сочинува една третина од вкупниот буџет на регионот.
Многу мраз и малку луѓе: Гренланд моментално е во фокусот на геополитикатаФотографија: Olivier Morin/AFP
Поради богатството на природни ресурси и геостратешкото значење, Данска тешко би се откажала од Гренланд. По понудата на Трамп, данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен најави нови инвестиции во воената инфраструктура на Гренланд.
Кралството Данска, исто така, го редизајнираше националниот грб, давајќи му на Гренланд повеќе простор на него. „Ние припаѓаме заедно“, изјави кралот Фредерик во своето новогодишно обраќање.
Дали Гренланѓаните ќе прифатат таков став останува тема на изборната кампања. Без разлика на исходот – независност, приклучување кон САД или останување со Данска со повисоки субвенции – геополитичката важност на Арктикот оди во прилог на Гренланд.