Храната од 2021 година досега поскапела 46,7% – „Finance Think”: Ограничувањето на цените на храната не дава резултати

Храната од почетокот на 2021 година до сега поскапела за 46,8%, а општото ниво на цени во земјава пораснало за 35%. Ова го покажува истражувањето на „Finance Think“ за тоа дали има ефект од мерките за ограничувањето на цените на храната. Институтот препорачува мерките да се користат само при висока инфлација, а во сите останати случаи да се заменат со структурни и пазарно засновани мерки.

„Споредено со ценовното ниво од почетокот на 2021 година, на крајот од 2024 година општото ниво на цени во Северна Македонија е повисоко за 35%, додека нивото на цените на храната за 46.8%. Мерките за ограничување на цените на храната имаат силен ефект само во првиот месец од примената, со намалување на инфлацијата до -1%. По првиот месец, ефектот се разводнува поради пазарни прилагодувања, како што се раст на цени на алтернативни производи“, велат од Finanse Think.

Дека мерките не даваат ефект покажува и последната т.н новогодишна кошничка која почна од 15 декември и трае до 15 јануари. Наместо пад, има раст на цените, покажа статистиката. Во декември инфлацијата достигна 4,4% во однос на декември лани. Храната и безалкохолните пијалоци и соковите поскапеле за 5,6 %, зеленчукот за 12,7, маслото за 11,7%, млекото, сирењето јајцата за 7,5, месото за 4%.

ИНДЕКС НА ТРОШОЦИ НА ЖИВОТ ДЕКЕМВРИ 2024- ДЕКЕМВРИ 2023
Храна и безалкохолни пијалоци 5,6%
Минерална вода, безалкохолни пијалаци, сокови 15, 8%
Зеленчук 12, 7 %
Кафе, чај, какао 11, 5%
Масло и масти 11,7%
Млеко, сирење, јајца 7,5%
Месо 4%

Владата, откако првично се закани дека ќе ги замрзне цените, повеќе пати повтори дека во втората половина на декември имало стабилизирање на цените.

А, сега сите очи се вперени во Комисијата за заштита на конкуренцијата, која треба да открие и да казнува доколку има неправилности според Законот за забрана на нефер трговски практики.

„Инаку Комисијата ќе работи, ќе може да влезе во фирмите да ги проверува договорите по дојава и така натаму. Значи, се она што ќе биде констатирано како неправилност ќе може да биде и казнето. Казната е висока, 20 илјади евра.“, изјави Марјан Ристески.

Статистиката пак покажува дека инфлацијата во еврозоната во декември е 2,4 %, додека во земјите од регионот таа е и под 2%, освен во Србија, каде изнесува 4,3%.

Пронајдете не на следниве мрежи: