Сите експресни патишта – проекти на Груевски? Поранешниот премиер со нова објава на Фејсбук

Поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук сподели објава за експресните патишта во Македонија и нивните имиња.

Во продолжение целосната објава на Груевски:

– Експресен пат ВМРО, Автопат Гоце Делчев, експресен пат Методија Андонов Ченто…

Во екот на градбата на повеќе автопати (се подразбираа 6 коловозни ленти) и експресни патишта (се подразбираа четири коловозни ленти), како автопатите Скопје-Св.Николе-Штип, автопатот Демир Капија-Гевгелија кој беше последна 29км, но најтешка за градба делница на коридирот 10 и автопатот Кичево-Охрид, но и неколку експресни патишта, владата на Република Македонија некаде во 2013-2014 година со одлука на владата која излезе во Службен весник и која сеуште е на сила, по принципот на многу други држави, ги именуваше овие патишта.

1.Па така, автопатот Скопје-Штип го носи името на големиот македонски револуционер “Гоце Делчев”.

Не знам зошто владата која не наследи во мај 2017 година и која само ги заврши последните 5-10% проценти од автопатот кој кога решивме да го градиме беше само идеја во нашите глави и во главите на генерации штипјани и граѓани на источна Македонија, не постави табли на автопатот со кои ќе се означи неговото име.

Гоце Делчев бил учител во Штипската населба Ново Село каде заедно со Дамјан Груев, а таму претходно свои траги како учители во овој дел оставиле и Петар Поп Арсов и Ѓорче Петров, ги поставил темелите на Организацијата во тој град, од каде подоцна излегуваат плејада револуционери, водачи и првенци на Организацијата која се бореше за ослободување на Макеоднија.

Гоце Делчев е една од најавторитетните фигури во македонската револуционерна борба за слобода, па така логично беше овој автопат да го носи неговото име.

2.Целиот коридор 8 во делот на западна Македонија, од Скопје преку Тетово, Кичево, па се до Охрид, вклучивајки го и оној во градба од Кичево до Охрид (каде за време на мојот мандат како премиер освен проектирањето, експропријацијата на земјата и обезбедување финасии за градба, се завршија точно 50% од градежните работи на автопатот), коридор кој практично е поврзување и со Република Албанија, се именуваше како “Мајка Тереза”, родена Албанка во центарот на Скопје, каде и изрснала, една од најпознатите христијанки во светот, добитник на Нобелова награда за мир, голем светски хуманист, а во 2018 прогласена за светец од папата во Ватикан.

Имајќи во предвид прво дека Мајка Тереза е големо светско име, второ дека и Албанија, но и македонските Албанци кои во поголем дел живеат во западна Македонија каде поминува овој автопат се идентификуваат со неа како етничка Албанка, и трето дека Скопје и Македонија се горди со тоа што таа е родена и израсната во Скопје, понатаму што христијаните се идентификуваат дека таа била една од најистакнатите по хуманоста христијанки на ова време, итн, беше сосема логично тој автопат да го носи нејзиното име.

3.Исто така обиколницата околу Скопје која се изгради во тие години го доби името “Обиколница Мајка Тереза”, која беше почната да се гради од нашите претходници и 80% се изгради и се заврши во периодот кога ја предвидев владата. Скопје нема попознато име низ целиот свет од нејзиното. Кој патувал низ многу држави и разговарал за Македонија со многу познати и успешни личности, ќе знае што пишувам.

4.Експресниот пат Штип-Кочани го доби името Тодор Александров.

Логично, бидејќи ова големо име и револуционер во македонската историја, е познат по тоа што се бори за независна/автономна и обединета Македонија. Тој е еден од најславните водачи на ВМРО, роден и израснат во населбата Ново Село во Штип, и често пати од пиринска Македонија навлегувал со четите во тој регион на источна Македонија, ризикувајќи го својот живот за слободата на Македонија, за која го посветил целиот свој живот и во која борба го положил својот живот.

Овој експресен пат беше започнат да се гради пред смената на власта, некаде во текот на 2016 година, одкако претходно неколку години активно се работеше и се изработи проект, се направи и се финансираше експропријацијата и се обезбеди финасирањето за градба на проектот.

5.За експресниот пат “Ранковце-Крива Паланка” (со проширување на црните точки на патот Крива Паланка-граница Бугарија), оставивме комплетно завршен проект за градба и обезбедени пари од светската банка за негова изведба.

Пред да излезе тендерот за градба на овој експресен пат не фати оној долг предизборен период во 2015/2016 и дел од 2017 година после изборите, кога законски не смеевме да го објавиме тендерот за градба и тоа го препуштивме на следната влада, која повеќе од една година не го објави, а и потоа го градеше со премногу бавно темпо, и на почетокот на овој месец со радост видов дека ЈП Макеоднски патишта, предводено од Коце Трајановски, по враќањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, ефикасно го завршил овој експресен пат кој СДСМ требаше да го заврши уште во 2019 година.

Овој пат беше именуван како експресен пат “ВМРО”.

Патот не поврзува со Бугарија, со Ќустендил како најблизок град после границата, со регионот на пиринска Македонија исто така, каде ВМРО наоѓале прибежиште и од каде делувале во своите цели за ослободување на Македонија.

Дополнително на ова, познато е дека бугарската историографија му дава бугарски карактер на ВМРО, па така сметавме дека името на овој експресен пат на општо задоволство треба да се именува по името на Организацијата која се бори за слободна, независна/автономна и обединета Македонија и дека и Македонците и соседите зад границата ќе чуствуваат поврзаност со името на овој експресен пат. Конечно ова име со нешто да не поврзува макар и транспортно, а не само да не дели.

6.Експресниот пат тогаш во градба Градско-Прилеп, кој деновиве ефективно се заврши и пушти во употреба, на 31 мај 2017 година го оставивме на нашите наследници во длабока фаза на градба завршен околу 50 осто, каде претходно повеќе години се работеше на проектирањето, се финансираше и се заврши експропријацијата и се обезбеди финасирање за за градба на овој експресен пат, вклучивајки и делумен грант од ЕУ.

Овој експресен пат со четири коловозни ленти, кој значително го скрати патувањето помеѓу Скопје, Прилеп и Битола, беше именуван по “Методија Андонов-Ченто”, прв претседател на презириумит на АСНОМ, родум прилепчанец и подоцна жртва на комунистичкиот режим.

7.Експресниот пат Штип-Радовиш го именуваме како “Експресен пат Борис Сарафов”, носејќи го името на многу значајна фигура во македонското ослободително дело, слично како и Тодор Алексндров долго негирана и неправедно оцрнувана од комунистичката историографија на Македонија која имаше идеолошки пристап на толкување на историјата, веројатно против кој не можеше да се спротистави, но и личност која е веќе рехабилитирана од пост комунистичката историографија на Македонија.

За експресниот пат Штип-Радовиш, освен обезбедени пари како финасирање, целосно завршена експропријација и целосно направен проект, беше завршен и тендерот за градба и одбран изведувач, кој потоа СДСМ го поништи, па повторно бираше од почеток. И беше единствениот експресен пат од сите овие започнати патишта кој успеа целосно да го заврши, претпоставувам пред се заради честите потреби на тогашниот нивни лидер да патува до Струмица и назад кон Скопје.

8.Имаше именување на уште еден планиран и подготвен за градба експресен пат во време кога има веќе беше целосно завршен проектот за градба, беше завршена експропријацијата и очекувавме одобрување на претходно разговарано и усно договорено финасирање од една од меѓународните финасии институции.

Тоа е планираниот експресен пат од Охрид до Пештани, чие име се предвиде да биде Христо Узунов, по славниот Охридски војвода.

Но, за жал заради протести на некоја НВО, банката во последен момент го одкажа финасирањето, за да раководството на банката не си навлече проблеми од еколошките организации на глобално ниво и градбата не се случи.

Со оглед дека проектот е целосно готов, неговата градба со изнајдено друго финасирање или буџетско финасирање, може ефективно да се реализира во секој момент бидејќи образложението на НВО беше според мое мислење не доволно издржано.

Тие тврдеа дека секоја година на таа траса прелетуваат јато птици од Африка кон северниот дел на Европа, и дека токму тука истоте почивале на тој пат.

Не сум чул дека во светот некој спречил градба на некој пат за иста работа, бидејќи претпоставувам дека дури и сѐ да е така, птиците секако ќе си најдат некое друго убаво, соодветно за нив и мирно место во близина за почивка при долгиот лет.

9.Мислам дека свое име доби и експресниот пат Штип-Велес, кој во периодот кога ја водев владата од магистрален (две коловозни ленти и пониски стандарди за на кривини и нагорници), се проектираше, се направи експропријација на новите траси, се финасираше градбата и целосно се изгради експресен пат со четири коловозни ленти, кој на делови се прошири со по една лента на местото на постоечкиот магистрален пат, и се обнови асфалтот на постојниот, а на други делови каде имаше поголеми кривини или нагорнини, се изградија цели нови траси со четири коловозни ленти.

10.Општо е познато дека автопатот од Скопје до грчката граница официјално уште од 2007 година го доби името “Александар Македонски” кој подоцна власта на СДСМ во 2017 година сосема непотребно го промени и преименува во автопат “Пријателство”.

Велам непотребно, бидејќи именувањето на автопат не укажува кому историски му припаѓа тој лик.

Дури и по прифаќањето на т.н. преспански договор, каде тогашната власт во 2018 година сосема нелогично прифати и потпиша дека Грција и луѓето родени од таа страна на границата имаат екслузивно право на повикување на античката историја, а Макеоднија и луѓето родени Макар и 100 метри од македонаката страна на границата немаат такво право, тоа не значеше дека именувањето на автопат со име на лик од светската историја, во случајот од античкиот период, укажува на некаква негова припадност, како што не значи именувањето на улица “Рузвелтова”во Скопје дека американскиот претседател Франклин Рузвелт припаѓа на Македонија или многу такви слични примери.

СДСМ предводена од Заев отиде и до таму што го преименува главниот национален стадион Филип Втори Македонски, ги одстрани воштаните фигури на Александар Македонски и неговиот татко Филип втори од архолопкиот музеј на Македонија, го преименува и избриша и името на самиот музеј, каде логиката беше да се постават воштани фигури на владетели или други значајни современици, од чие време се најдени многу археолошки предмети на територијата на Република Македонија, а од времето на Филип и Александар постојат многу артефакти во музејот, вклучително и многу монети со ликот на Александар Македонски.

Така што, сите овие имиња на автопати и експресни патишта, дел изградени, дел сеуште во градба, и еден кој заради опструкции во последен момент не започна да се гради во форма на експресен пат, но тоа може да се заврши во иднина бидејќи сите подготовки се направени, имаат официјални имиња, донесени со одлука на Владата на Република Македонија, кои сеуште се важечки и се на сила, но не се поставени табли со кои се означени имињата, бидејќи тогаш кога се именуваа, најголем дел од патиштата беа во градба или непосредно пред почнување на градба.

Оваа или некоја следна влада, кога ќе отцени, може да постави табли со кои ќе ги означи имињата на овие патишта. – стои во објавата на Груевски.