Украинскиот претседател Володимир Зеленски толку многу го налути американскиот претседател Доналд Трамп во последните денови што беше блиску до прекин на американската воена поддршка за Украина, изјавија тројца американски претставници.
Шест претставници на администрацијата изјавија дека имало пет инциденти во изминатите девет дена што ги налутиле Трамп, американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц.
Еден официјален претставник рече дека Зеленски „покажал како тоа не треба да се прави“.
На конференцијата за безбедност во Минхен, Венс и Рубио се сретнаа со Зеленски на 14 февруари за да добијат одобрение за договорот за правата на минералните суровини.
Официјални лица рекоа дека Зеленски ги изненадил Венс и Рубио велејќи дека нема овластување еднострано да го одобри без парламентот на Украина.
Зеленски потоа јавно ја отфрли понудата на прес-конференција во Минхен на 15 февруари, а претставниците на Белата куќа забележаа дека неговите забелешки дека договорот „не е во интерес на суверена Украина“ значително се разликуваат од попозитивните коментари што тој ги даде на социјалната мрежа „Х“ еден ден претходно.
Откако Зеленски го критикуваше фактот дека на 18 февруари во Саудиска Арабија без учество на претставници од Киев се одржа состанок на руската и американската делегација за Украина, Трамп рече дека Зеленски има поддршка од само четири проценти од Украинците.
Зеленски возврати на 19 февруари, велејќи дека американскиот претседател „живее во простор на дезинформации“.
Трамп тогаш рече дека Зеленски бил „скромно успешен комичар“ кој станал „диктатор без избори“, а Трамп никогаш не го окарактеризирал рускиот претседател Владимир Путин како диктатор, пишува американскиот портал Аксиос.
Пронајдете не на следниве мрежи:



