Ацо Шопов – Поезија и Скопје Сити Мол ја обновуваат поетската сцена

Од 20 до 23 март, „Ацо Шопов – Поезија“ фондацијата и Скопје Сити Мол повторно ги отворија вратите на својата поетска сцена за љубителите на поезијата. По успешното прво издание на Деновите на поезијата, одржано минатата година во чест на 80-годишнината од првата книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија, “Песни” од Ацо Шопов (1944), како и Светскиот ден на поезијата (21 март), организаторите и оваа година овозможуваат сцена за поети од сите генерации. Почнувајќи од основоположниците, продолжувајќи со современите афирмирани поети, па се до оние кои се на почетокот од нивниот поетски пат.
Свеченото отворање на манифестацијата во четврток, на 20 март, ќе ја одбележи почитта кон неколку значајни книжевници: Димитар Миладинов (215 години од раѓање), Григор Прличев и Константин Миладинов (195 години), Славко Јаневски и Лилјана Чаловска (105 години), Гого Ивановски (100 години), Абдулазис Ислами, Фахри Каја и Бистрица Миркуловска (95 години), Адем Гајтани (90 години) и Игор Исаковски (55 години). Исто така, ќе биде одбележан и 95-от роденден на Георги Сталев. Стиховите на овие писатели ќе ги пренесат преку гласот на Никола Ристановски, со поддршка од студенти од Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност при УКИМ. Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература, ќе одржи говор на оваа тема и ќе се осврне на други значајни јубилеи оваа година, како што се: 150 години од објавувањето на „Речник на три јазика“ и 145 години од „Слогница речовска“ од Ѓорѓија Пулевски, како и други значајни јубилеи во македонската литература.
Освен тоа, со посебен омаж ќе се почестат и поети кои нè напуштија во периодот меѓу двете изданија на манифестацијата, како и поети кои создадоа мост помеѓу Македонија и африканскиот континент. На Светскиот ден на поезијата, фокусот ќе биде на најмладите поети, а ќе се одржи и изложба поврзана со македонската азбука.
Деновите на поезијата оваа година ќе се одликуваат со многу новитети, вклучително и активности за најмладата публика, како учество на ученици и изложба посветена на азбуката. Посетителите ќе бидат поканети да учествуваат во манифестацијата преку испишување стихови, додека Скопје Сити Мол ќе понуди изненадувања за сите учесници.
Иницијативата ги поттикнува младите да учествуваат во уметноста на поезијата и претставува можност за сите генерации да се соберат и да го прослават пишаниот збор. Со многу настани, учесници и активности, оваа година ветува дека ќе биде уште позабавно и инклузивно искуство за сите кои ја љубат поезијата.
The post Ацо Шопов – Поезија и Скопје Сити Мол ја обновуваат поетската сцена appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: