Се намалува бројот на критични пациенти, но останува ризикот од инфекции.

Состојбата покажува позитивни знаци на подобрување, со намалување на бројот на пациенти кои се во критична состојба, но не треба да се опуштаме премногу. Борбата не е завршена, бидејќи постои зголемен ризик од инфекции и може да се случи влошување на ситуацијата, објасни Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ).
Тој предупреди дека иако се намалува ризикот од акутни изгореници и респираторни проблеми, опасноста од инфекции расте. Затоа борбата продолжува и може да се случи пациентите кои биле добро да доживеат влошување поради ризикот од инфекција. Оваа битка нема да заврши набргу, таа ќе трае, и не може да се реши ниту за една, ниту за две недели, рече Клековски на прес-конференција, истакнувајќи дека се спроведуваат мониторинг и редовни токсиколошки и микробиолошки анализи и во земјата и во странството.
Спомна дека сите 54 повредени пациенти од пожарот во Кочани кои добиваат лекување во Македонија се во стабилна состојба, додека од 115-те хоспитализирани во странство, шест се во критична состојба. Дополнително, вчера биле примени на болничко лекување шест нови пациенти – пет на Токсикологија и еден со комбинирани проблеми – респираторни и изгореници. Во понеделник треба да се објават протоколи за враќање на првите пациенти од странство што е планирано да се случи во втората половина на неделата. Тимови од Израел и Велика Британија, како што рече, помагаат во изработката на план за враќање, рехабилитација и натамошен третман во Македонија.
Клековски истакна дека лекувањето во странство е потполно бесплатно и на товар на државата во која е хоспитализиран пациентот и дека сè што се појавува во јавноста во врска со потенцијални трошоци е неоснована информација. Тој додаде дека ФЗОМ им дал насоки на матичните лекари за олеснување на пропишувањето лекови и боледувања за засегнатите од пожарот во Кочани и нивните семејства, поради тоа што вакви ситуации не беа претходно предвидени освен за заразни болести. Клековски нагласи дека имаат одлична соработка со матичните лекари, кои значително придонесоа во управувањето на кризата.
The post Се намалува бројот на критични пациенти, но останува ризикот од инфекции. appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: