На 8 и 9 мај, со почеток од 20 часот, во Театар Комедија ќе се одржат премиерните изведби на „Вистината“ од Флоријан Зелер, под режисерската палка на познатиот словенечки режисер и актер Владимир Јурц. Театар Комедија ја поставува оваа претстава со две различни актерски екипи, кои раскажуваат една историја, но нудат повеќе агли на вистината. Зелеровата комедија „Вистината“ ги отвора прашањата за лагите меѓу луѓето. Во првиот состав се појавуваат: Благица Трпковска Јоковиќ, Кристина Христова Николова, Роберт Ристов и Александар Вељановски. Во втората верзија, актерската екипа се состои од Тања Мицков, Ева Скендеровска, Столе Мицов и Виктор Арсов. Маја Благович е задолжена за костимографијата, додека музиката е дело на Васко Атанасовски. Преводот е дело на Офелија Ковилоска.
Дали белите лаги можат да ги одржат нашите пријателства и бракови? И воопшто, што е вистината во контекст на љубовта? Овие значајни прашања се вткаени во иронично-комичниот, но и реалистичен стил на Флоријан Зелер, кој со своите дела полека стигнува и до нашите простори. Зелер, носител на бројни награди, е француски романсиер и драмски писател, со дела кои ја шетаат сцената ширум светот. Неговата драма „Таткото“ е адаптирана во филм во 2020 година, во кој настапуваат Ентони Хопкинс и Оливија Колман. За своите достигнувања, во 2023 година, Зелер добива признание од француската Легија на честа.
The post Премиера на „Вистината“ од Флоријан Зелер во Театар Комедија appeared first on 365.mk.


