Украинскиот претседател – Володимир Зеленски и се обрати на нацијата вечерва преку видео објавено на неговиот официјален канал на Телеграм, велејќи дека Русија се уште не одговорила на предлогот за прекин на огнот и директна средба меѓу двајцата претседатели на завојуваните земји во Истанбул.
– Само што разговарав со претседателот Ердоган. Тоа беше суштински разговор. Благодарен сум за неговата поддршка. Ја потврдив подготвеноста на Украина за директен и суштински дијалог со Путин. Украина секогаш ја поддржуваше дипломатијата. Подготвен сум да бидам во Турција – рече Зеленски и додаде:
– За жал, светот се уште не доби јасен одговор од Русија на бројните предлози за прекин на огнот. Русите се уште гранатираат и напаѓаат. Москва цел ден молчи за предлогот за директна средба. Оваа тишина е прилично чудна. Но, Русија ќе мора да ја заврши оваа војна на еден или друг начин, и подобро е да го стори тоа што е можно поскоро. Нема смисла да се продолжи со убивање – истакна тој.



