Неколку минути пред полноќ, во Собранеито на РСМ, Трајко Славески е именуван за гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија.
За Славески 68 пратеници гласаа „за“, а 16 беа против.
Во рамки на општата расправа и низа реплики и контрареплики пратениците изнесоа различни ставови при што пратениците од власта се фокусираа на неговата стручност и компетентност, додека, опозицијата на политичката припадност на Славески и визијата за независноста на институцијата.
За координаторот на пратеничката група на СДСМ, пратеникот Оливер Спасовски, Славески со искуството што е потребно, како критериум се исполнува, со оглед на возраста и академската кариера и сите функциии што ги имал, но не ги исполнува критериумите за висок морален кредибилитет и дигнитет, подготвеност за отчетност и за јавна комуникација со граѓаните и со институциите. Според него, Славески, како што рече, знае секогаш да стои на страната на крупниот капитал наспроти работниците. Пратеникот Спасовски се изјасни дека ќе гласа против.
Во дебатата се вклучи и пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ, кој нагласи дека критериумите не произлегуваат од компетентноста, туку може да се поврзани со одредени политички фактори.
Тој посочи дека во контекст на носење одлука за гувернер треба да се разгледаат сите аспекти за да се осигура дека Народната банка ќе продолжи да функционира како независна институција.
Пратеникот од политичката партија Левица, Реџеп Исмаил, во неговото образложение зошто Слсвески не е добар предлог- кандидат за гувернер, меѓу другото спомена дека тој бил најголем противник на зголемување на минималната плата, а дополнително, како што рече, ќе придонесе да се развие корупцијата и јазот меѓу богатите и сиромашните.
Пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците оцени дека именувањето на лице како Славески кое никогаш не ја крие политичката припадност е закана за автономијата на институцијата“.
Пратеничката Сања Лукаревска порача дека СДСМ нема да гласа за гувернер со ваков профил.
Согласно биографијата доставена во предлогот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, проф. д-р Трајко Славески е роден во Охрид во 1960 година. Тој е редовен професор на Економски факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Студирал на истиот универзитет, а бил на постдипломски студии во САД (Калифорниски државен универзитет 1986/87год. и на Универзитетот Харвард 1989/90 год.) Во 1997 година престојувал шест месеци на Државниот универзитет Аризона во Темпи, Аризона, САД, како визитинг професор.
Славески е ко-автор на првата Антиинфлаторна програма, важен документ при монетарното осамостојување на Република Македонија во април 1992 година во борбата со тогаш присутната хиперинфлација и воведувањето на националната валута – денарот.
Во минатото проф. Славески ги извршуваше функциите министер за развој (1999-2000) и министер за финансии (2006-2009) во Македонската влада. За време на извршувањето на функцијата министер за финансии во Влада на Република Македонија ја вршеше функцијата гувернер во Светска Банка и гувернер во Европска банка за обнова и развој.


