Локалниот огранок на партијата Левица од Гевгелија упати жестоки обвинувања до општинските власти за, како што велат, „нереално високи трошоци“ за одржување на јавното осветлување. Според нивното соопштение, во изминатите четири години преку јавни набавки биле потрошени вкупно 941.053 евра за оваа намена.
Во Гевгелија, која има 4.771 сијалично место, просечната цена за годишно одржување изнесува 50 евра по светилка – или околу 3.075 денари. Левица посочува дека таа сума е драстично повисока во споредба со соседните општини Богданци и Валандово, каде што истата фирма ја извршува услугата, но по трипати пониски трошоци – околу 16 евра по светилка.
Советникот на Левица, Никола Петров, побара објаснување зошто Гевгелија плаќа толку високи суми, и зошто дејноста не ѝ е доделена на локалното јавно претпријатие ЈПКД Комуналец. Според него, со тоа би се намалиле трошоците и би се заштедиле средства од буџетот на граѓаните.
„Ова е класичен пример за бонбона тендер бизнис. Време е општината да престане да троши пари на штета на јавниот интерес“, стои во соопштението на Левица.



