Премиерот Мицкоски денеска рече дека сигурно е дека платите на функционерите нема да се зголемат во рамки на усогласувањето со минималната плата на стартот од наредната година. Мицкоски рече дека во моментов сигурено е дека еден ден сите ќе умреме и дека нема да се зголемат платите на функционерите.
„Мислам дека со интервенција во коефициентите ќе одиме, се уште не е прецизирано. Едно е сигурно после една друга работа што секако во животот ќе се случи, а тоа е дека нема да има зголемување на платите на функционерите. Надлежните ќе најдат начин како тоа да се случи но едно е сигурно, освен тоа дека еден ден сите ќе заминеме од овој свет, а тоа е дека нема да има зголемување на платите на функционерите. “ – рече Мицкоски
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, добил зголемување на платата од околу 200 евра месечно и сега тој ќе прима околу 105.000 денари – пишува во одлуката објавена во Службени весник, која ја објави вчера претседателот на Сојузот на синдикатите (ССМ), Слободан Трендафилов.
Во објава на „Фејсбук“, Трендафилов прашува: „Ако нема за зголемување на платите на работниците, како има за зголемување на платите на функционерите?
„Ако зголемувањето на платите на работниците кое им следува и кое изнесува 12,6% согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор, како и потребата од зголемување на минималната плата на 500 евра и за 100 евра зголемување на останатите плати ќе ја зголеми инфлацијата, тогаш зголемување од 13,8% на платата на функционер веројатно исто така влијае на инфлацијата, но изгледа ја намалува (друго образложение нема). Во денешниот Службен весник објавена е Одлука со која платата на функционер избран од Владата е зголемена за 13,8% односно коефициентот од 2,24 се зголемува на 2,55, или точно онолку колку што има предвидено средства во буџетот за раст на платите оваа година“, пишува Трендафилов во објавата.



