Не ги убивајте нашите деца уште еднаш – Јавен повик од семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани до Обвинителството!

Јавен повик од семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани до Обвинителството:

ЈАВЕН ПОВИК ДО ОБВИНИТЕЛИТЕ И ИНСТИТУЦИИТЕ: ПРАВДА ЗА 62-ТЕ НЕВИНИ ЖИВОТИ

До: Основното јавно обвинителство, Јавно обвинителство на РСМ, надлежните институции, домашни и странски медиуми, јавноста.
Од: Родителите на 62-те починати млади луѓе – жртви на масовното убиство на 16 март

Почитувани,

Ова не е обичен апел. Ова е повик од дното на нашата болка и достоинство. Од срцата на родители кои ги изгубија своите деца, од гласот на оние што ја живеат најстрашната верзија на македонската реалност: држава без правда, систем без морал и институции без совест.

На нашата прва средба со надлежните обвинители, поставивме само едно прашање:
Дали ги имате снимките од ноќта на 16 март?
Одговорот беше: “Да, ги имаме, се прегледуваат.” Но до денес, ниту една снимка не е презентирана пред јавноста, ниту се употребени како клучен доказ. Поставуваме прашања, но добиваме молк.

Во ваши раце не е само истрага – во ваши раце се 62 невини души.
Од вас бараме чесност, храброст и правда. Но, наместо тоа, гледаме како истрагата се развлекува, како бројот на осомничени се намалува – од 72, на 30, па сега и помалку. А уште полошо:

Осомничените што беа во притвор – денес се дома, слободни. Дел од нив, според информации што кружат во јавноста и меѓу родителите, се ослободени со мито.
Со пари, врски, закани – се спасуваат виновниците.

Почитувани обвинители, ако не сте способни, ако стравот ви е поголем од правдата – отстапете го случајот на некој што ќе работи чесно. Ние не се плашиме. Ние веќе го изгубивме најскапоценото – нашите деца. Ништо не може да нè заплаши повеќе.

Ние, родителите, сме подготвени да го дадеме сѐ – пасошите, куќите, колите, животите, само да ја видиме правдата исполнета. Но ни тоа нема да ги врати. Единствено што останува е барањето:
вистина, отчет и одговорност.

Бараме:
1. Јавно презентирање на сите видео-докази од таа вечер.
2. Објаснување зошто притворените осомничени се пуштени – и кој ја дозволил таа одлука.
3. Да се врати бројот на осомничени како што беше на почетокот – 72.
4. Да се оддалечат сите обвинители кои покажаа политичка вмешаност, конфликт на интереси или несоодветна пасивност.
5. Да се вклучат независни меѓународни набљудувачи и истражители.

Ова не е политичка борба. Ова е борба на родители што бараат правда за своите деца.
Ова е обид последната надеж – правниот систем – да не се претвори во уште една гробница за вистината.

Не ги убивајте уште еднаш нашите деца – со молкот, со корупцијата и со селективната правда.
Доста е.

Со болка, но со непокорна решеност,
Родителите на 62-те ангели

Пронајдете не на следниве мрежи: