Украинските власти ги презедоа првите чекори за да започнат со истражување на едно од наоѓалиштата на литиум во земјата, што е првиот конкретен проект според договорот за минерали потпишан со САД пред повеќе од еден месец, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на двајца украински функционери.
Според нив, украинската влада во понеделник се согласила да започне со подготовки за тендер за производство на литиум на наоѓалиштето Добра. Ова се смета за приоритет според новиот договор за стратешко партнерство во областа на критичните минерални ресурси. Потенцијален понудувач е енергетската компанија TechMet (делумно во сопственост на американската влада) и американскиот милијардер Роналд Лаудер, кој е близок до претседателот Доналд Трамп.
Тие се залагаат за пристап до наоѓалиштето Добра од 2023 година. Според претходно постигнатиот договор, половина од приходите од екстракција на минерали ќе бидат префрлени во заеднички американско-украински инвестициски фонд. Планирано е овие средства да се реинвестираат во украинската економија, додека САД ќе задржат дел од профитот. Претседателот Трамп ја нарече оваа шема компензација за обезбедената помош.



