ЕП го усвои извештајот на Томас Вајц за Македонија

Според европратеникот и известувач за земјата Томас Вајц, пристапувањето на Македонија во ЕУ е неправедно блокирано предолго поради билатерални спорови

Европскиот парламент со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ во средата (09.07) го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за Македонија за 2023 и 2024 година, но во него не е содржана формулацијата „македонски идентитет и јазик“.

Во писмена изјава по гласањето Вајц посочи дека земјата е предводник во регионот, покажувајќи вистинска посветеност на вредностите на ЕУ, вклучително и историска промена на името и смели реформи. „Но, нејзиното пристапување е неправедно блокирано предолго поради билатерални спорови, поттикнувајќи ја јавната фрустрација и разочарување од ЕУ“, вели Вајц во изјавата.
Тој посочува дека во Извештајот се нагласува оти проширувањето треба да биде процес базиран на заслуги, врз основа на Копенхашките критериуми и ја повикува земјата да ги спроведе потребните реформи. „Ги повикувам сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало напредокот во ЕУ“, вели Вајц.
Тој нагласува дека како известувач на ЕУ за земјава неуморно работел за „добро избалансиран и непристрасен извештај за демократскиот напредок на оваа земја“.  „За жал, некои бугарски европратеници го искористија извештајот за домашни цели“, додава Вајц во изјавата којашто ја пренесува агенцијата МИА.

Избришани делови од текстот за македонскиот идентитет
Пред гласањето по документот, беа усвоени амандманите предложени од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), со кои се избришани делови од текстот во Извештајот каде се споменуваа „македонскиот јазик и идентитет“.
На гласањето му претходеше бурна расправа во Европскиот парламент. Дел од европратениците го поддржаа Извештајот на Вајц за Македонија, но имаше и такви како грчката европратеничка Афродити Латинопули која истакна дека таа е „вистинска горда Македонка“, а не „лажна како жителите на Скопје“.

Европскиот парламент со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за Македонија

Пронајдете не на следниве мрежи: