„Систина“ ќе го тужи Сашко Кедев ако не каже точно во која приватна болница се врши непотребно стентирање за профит

Приватната болница „Систина“ реагира откако професор доктор Сашко Кедев во емисија викендов,  на канал77,кажа дека во приватни болници се вршат операции, отворање на граден кош и стентирање без потреба мотивирано од профит.

По повод изјавите на интервентниот кардиолог професор доктор Сашко Кедев изнесени во емисијата „На врв на светот“ на Канал 77, во која се споменува од страната на новинарот името на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, остро ја осудуваме содржината и пораката на ваквиот јавен настап. Овие тврдења се неосновани, го нарушуваат угледот на нашата реномирана установа и на нашите доктори, и непотребно внесуваат страв кај постоечките и идните пациенти. Ја уверуваме јавноста дека наводите за наводни непотребни хируршки интервенции во една приватна болница, наводно врз основа на профит, се целосно неточни и не може да се однесуваат на „Аџибадем Систина“, затоа што нема основа, велат од болницата во реакција.

Оттаму велат дека бидејќи во изјавата, доктор Кедев, посочува една приватна болница, притоа не споменувајќи за која станува збор, бараат точно да се изјасни за која приватна болница се однесува неговата изјава.
Во спротивно ќе преземеме соодветни правни чекори и ќе поднесеме тужба поради клевета и нарушување на углед. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и понатаму ќе остане посветена на врвната здравствена грижа, транспарентност и интегритет, секогаш водејќи се за најдоброто за пациентите, се вели во писмената реакција.
Инаку откако интервентниот кардиолог доктор Сашко Кедев изнесе тврдење дека во Македонија во приватни болници се вршат непотребни неетички хируршки интервенции, отворања на граден кош и стентирања без потреба само за профит, Министерството за здравство веќе се координира за проверка на овие тврдења како и за спроведување на итни и вонредни надзори со цел добивање на целосната слика, информираат оттаму.
Инаку Кедев во емисијата „Стадион“ посочи оти најголемиот дел од неговата консултативна активност ја поминува во одвраќање на луѓе од непотребни интервенции, непотребни стентирања и непотребни операции.
 

Пронајдете не на следниве мрежи: