Започнува јавниот увид во Избирачкиот список за локалните избори

  Во пресрет на локалните избори закажани за 19 октомври, денеска почнува јавниот увид во Избирачкиот список кој трае 20 дена односно до 11 септември на полноќ. ДИК го потпишува заклучениот Избирачки список, односно изводите од Избирачкиот список на кои се гласа, најдоцна на 3 октомври.
Претседателот на Државната изборна комисија Борис Кондарско на вчерашната седница ги повика граѓаните од денеска до 11 септември на полноќ да се извршат увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија на ДИК, чии адреси се објавени на веб страната на Комисијата, и кои ќе бидат отворени од 8 до 20 часот непрекинато и за викенд и за празници. Последниот ден од увидот на 11 септември подрачните одделенија на ДИК ќе бидат отворени до полноќ.
Граѓаните, барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во изводите на Избирачкиот список што е ставен на јавен увид ги поднесуваат писмено до подрачното одделение на ДИК или месната канцеларија на
подрачјето на живеење, или по електронска пошта до ДИК. Со барањето се приложуваат и потребните докази. Барањата за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список се поднесуваат во периодот од 23 август до 11 септември.
ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето. Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. По тужба, Управниот суд решава во рок од 24 часа и одлуката веднаш му ja доставува на тужителот по електронски пат. Правосилното решение на Управниот суд донесено по тужбата за запишување, промена и бришење е составен дел на потпишаниот Избирачки список од страна на ДИК.
Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден од завршувањето на јавниот увид на 12 септември доставува, листа на државјани кои поднеле барање за издавање нова лична карта или патна исправа по било кој основ од денот на
распишување на изборите до денот на завршување на јавниот увид и листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. ДИК податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност.
Избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид, ДИК го заклучува најдоцна 15 дена по завршениот јавен увид, најдоцна на 26 септември. ДИК го потпишува заклучениот Избирачки список, односно изводите од Избирачкиот список на кои се гласа, најдоцна 15 дена пред денот на одржувањето на изборите односно најдоцна на 3 октомври.

Пронајдете не на следниве мрежи: