Полска е подготвена да „ја брани својата територија“, објави претседателот Карол Навроцки од говорницата на ОН, цитиран од агенцијата Франс-прес.
Тој го кажа ова во својот говор вчера за време на дебатите за општата политика во рамките на 80-тото годишно заседание на Генералното собрание на светската организација, откако најмалку 19 беспилотни летала влегоа во полскиот воздушен простор за време на масовниот руски воздушен напад врз соседна Украина во ноќта меѓу 9 и 10 септември.
„Полска секогаш ќе реагира соодветно и е подготвена да ја брани својата територија… Полскиот народ, како и земјите од Централна и Источна Европа, нема да се плашат од руски беспилотни летала“, рече Навроцки. „Нема да ги толерираме безмилосните провокативни дејствија на Москва против нас и другите земји, кои ги тестираат нашите реакции и ги заплашуваат нашите општества“, додаде полскиот националистички претседател. Неговата изјава следеше по три упади за помалку од две недели од страна на руски беспилотни летала или борбени авиони над земјите од НАТО Полска, Романија и Естонија. Русија негираше какви било такви инциденти, забележува АФП.



