Поради советниците од ВМРО-ДПМНЕ, денес јаловиштето во Пробиштип не е санирано, а имаше можност Општината да има добивка од тој простор кој не е употреблив за било што
друго, истакна денес во гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77 кандидатот за
градоначалник на Општина Пробиштип од СДСМ, Драган Анастасов.
– „Единствениот проект на Општина Пробиштип, работен од експерти и професори на градежен
факулет, е од мојот мандат, но наидовме на проблем од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, не се
дозволи измена на ГУП, за да може да се почне постапката. Тоа беше обид којшто ни на крај
памет нема да ми дојде дека некој може да опструира да се обидеме да го решиме
јаловиштето, требаше на таа површина да се постави фотоволтаичен парк, тогаш имаше
навала на инвеститори, значи инвеститор на негов трошок да го санира и потоа да инвестира
во обновливи извори на енергија. Секаде беше наидено со воодушевување, дека од жариште
на болести ќе се направи место од каде ќе има добивка општината. За жал, не успеавме. Сега
останува како проект којшто го имаме и постапките се при крај да може да се понуди на
инвеститор, не знам дали би имало сега таков интерес кај сите кои сакаа да инвестираат во тој
период“, објасни Анастасов.
За санација на јаловиштето Општината во 2023 година предложи измена на генерален
урбанистички план со цел санација на просторот каде се наоѓа јаловиштето. Советниците на
ВМРО-ДПМНЕ, гласаа воздржано, со што не се обезбеди потребното мнозинство за измена на
ГУП и санација на јаловиштето.



