Италијанските власти завршија голема операција за пронаоѓање на дрога во која се уапсени 30 лица вклучени во меѓународна мрежа за трговија со дрога, меѓу кои и 13 албански државјани, објави „Еуроњуз Албанија“.
Криминалната група била со седиште во регионот Саленто и дејствувала во неколку делови од Италија. Уапсени се и неколку жени. Уапсените се обвинети за меѓународна трговија со дрога, а за време на двегодишната истрага се запленети 2.677 килограми дрога, вклучувајќи кокаин, хероин, хашиш и марихуана, како и 4.975 литри масло од хашиш.
Според италијанските медиуми, пазарната вредност на запленетите супстанции се проценува на околу шест милиони евра.
Според истрагата, водачи на групата наводно се Албанецот Љулезим Куле и шпанскиот државјанин Карло Серио. Куле се смета за клучна врска помеѓу Албанија и Шпанија, кои обезбедувале логистичка поддршка за набавка, транспорт и складирање на дрога, објави „Еуроњуз Албанија“.
Исто така, друга група Албанци – Алфред Фета, Арјан Комини, Шкелким Синани и Кујтим Зеќе – се осомничени дека се специјализирале за трговија со наркотици, главно канабис и марихуана, кои ги складирале во покраината Лече за дистрибуција во неколку италијански градови. Операцијата е резултат на долгорочна и координирана истрага меѓу италијанските власти и меѓународните агенции за спроведување на законот.



