Лидерите на Западен Балкан ќе се сретнат во Драч на самитот на иницијативата „Брдо-Бриони“

  Лидерите на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, денеска ќе се сретнат во Драч на самитот на иницијативата „Брдо-Бриони“.
Во фокусот на состанокот ќе бидат европската перспектива на Западен Балкан, Планот на ЕУ за раст на регионот, младинската политика и одливот на мозоци, како и регионалната соработка и безбедност.
Процесот „Брдо-Бриони“ е заедничка словенечко-хрватска иницијатива започната во 2013 година, а нејзини членови се Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.
Самитот во Драч го организираат претседателите на Словенија и Хрватска, Наташа Пирц Мусар и Зоран Милановиќ, а домаќин е претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
На состанокот во Албанија ќе учествуваат и црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ, косовската претседателка Вјоса Османи и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Иницијативата „Брдо-Бриони“ има за цел да поттикне меѓусебна соработка и да ги олесни напорите на земјите од регионот на нивниот пат кон ЕУ.

Пронајдете не на следниве мрежи: