Покрената е истражна постапка против две лица за злоупотреба на службената положба и за малтретирање во приватни установи за згрижување на стари лица.
Со дејствијата што ги координираше јавниот обвинител во изминатите два дена, обезбедени се докази со кои се потврдува основано сомнение дека двете сопственички на приватните домови и овластени лица постапувале спротивно на Законот за социјална заштита и со намера да прибават за себе имотна корист потешко ги повредиле правата на згрижените лица.
При извршените претреси во двете установи, од кои едната на улицата “Рудо” во Бутел, а другата на улица “Козара” во Центар, утврдено е дека двете осомничени вршеле физичко и психичко насилство врз корисниците и ги изложувале на сурово, нечовечко и понижувачко однесување.
Првообвинетата во домот во Бутел сместила 27 корисници – стари лица, иако имала дозвола само за 21 лице, а заедно со второобвинетата во установата во Центар сместиле 33 корисници – стари лица, иако имале дозвола само за 17 лица.
Во собите биле сместувани женски и машки лица заедно, а немало обезбедено кревети за сите корисници, па дел од нив спиеле на троседи во дневната соба или по две лица во ист единечен кревет.
На сите корисници во двете установи им биле служени оброци со производи со изминат рок, за што се земени и мостри од храна. Дел од корисниците биле постојано заклучувани во посебни простории, а на еден дел им била давана терапија со лекови кои не биле препишани од лекар.
По наредба на јавен обвинител, на сите згрижени лица им е извршен лекарски преглед и анализи од страна на стручни лица од Институтот за судска медицина. Установите се затворени, а со координација на надлежните државни органи за корисниците е обезбедено соодветно сместување.
Двете приватни установи, во периодот од 2022 година сместувале корисници над дозволениот капацитет, неуредно ја воделе пропишаната евиденција за корисници на социјална услуга, не поседувале досие со стручна документација за сите корисници, не воделе евиденции за одржување на личната хигиена на корисниците, немале вработено соодветен број стручни кадри во смена, а имале вработено лица без соодветна документација за вработување и немале обезбедено четири дневни оброци со соодветна спецификација за дистрибуираните оброци, како што налагале правилата за нивно работење и условите од решенијата издадени од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Месечно од двата објекти остварувале имотна корист во вкупен износ од 2.232.000 денари.
На двете осомничени им е одреден притвор.


