Муцунски за изјавите на бугарскиот копретседавач Ангелов: Политиката не смее да се меша во работата на Комисијата

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски денеска изјави дека тој има личен став за она што во изминатиот период го изнесува копретседавачот на Македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, Ангел Димитров, но рече дека нема да навлезе во коментирање, бидејќи со тоа ќе му ја исполни намерата – да го политизираат процесот.

„Јас ако навлезам во коментирање на тоа што го кажал господинот Димитров, а верувајте имам личен став како човек, односно многу работи што тој ги кажа во последниот период, тогаш веројатно ќе ја постигнам целта што и тој ја посакува, да го политизираме тој процес. Јас единствено што можам да повторувам и често го кажувам тоа и како поединец којшто доаѓа од академската средина е да си работат како научници во рамките на таа Комисија, рече Муцунски на прес-конференција во Владата.
Тој додаде дека политиката нема право да се меша во академската слобода и дека Комисијата треба да носи заклучоцуи засновани на научни методи.
-Една работа која што ја кажав уште на почетокот на нашиот мандат е дека политиката нема право да се меша во академската слобода. Обврската на членовите на таа комисија е да дискутираат, дебатираат и ако успеат да донесат некои заклучоци врз основа на нивните научни познавања. Така што, политиката ги има тргнато рацете, откако Владата ја предводи премиерот Мицкоски и откако јас сум министер за надворешни работи и надворешна трговија, вели Муцунски.
Димитров за БНТ изјави дека Комисијата „е еден вид алиби во моментално многу комплицираните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија“
На прашањето „до каде е стигната работата на Комисијата“ тој одговори: „Најкраткиот одговор е – до никаде. По осум години работа и 38 состаноци, сè уште сме на учебникот за седмо одделение, кој во Бугарија одговара на шесто одделение, односно на 11-тиот век. Наместо да зборуваме за блокада, ќе употребам поумерен термин – застој. Тој застој ја отсликува и целокупната состојба во Северна Македонија, што е нотирано и во извештајот од Брисел, но и покрај тоа не предизвикува загриженост кај државното раководство“.
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања минатата недела во Скопје ја одржа 38. редовна средба, а следната средба ќе се одржи во првата половина на декември во Софија.

Пронајдете не на следниве мрежи: