Министерот за економија Бесар Дурмиши вели дека нема да има интервентно зголемување на минималната плата, туку дека во март таа ќе се усогласи за онолку колку што е предвидено согласно закон.
Популистички одлуки нема да има тоа ќе ја зголеми инфлацијата, вели Дурмиши.
– Ако одиме со притисокот што ни го прават синдикатите, ќе извршиме пристисок на малите и средните претпријатија кои ќе немаат финансиски средства да ги платат своите работници, вели Дурмиши.
Најавува дека до крајот на месецов ќе се одржи седница на Економско-социјалниот совет на кој ќе се прецизираат владините потрошувачки кошнички.
Сојузот на синдикати на Македонија бараше зголемување на минималната плата на 500 евра, со оглед на порастот на животните трошоци, но од Владата не се согласуваа со ваквото барање на синдикатот. Минималната плата веќе е зголемена во државите од регионот.
Државниот завод за статистика измери дека во октомври инфлацијата порасната за 4,5 проценти на годишно ниво, но министерот за економија вели дека засега не е планирано да има интервенции на цените.
– Сега засега не гледам причина зошто да донесеме одлука за замрзнување или ограничување на бруто-профитната маржа на трговијата на големо и трговијата на мало како што правевме минатата година. Ги анализираме цените и пазарот секојдневно. Ќе видиме, ако има потреба, ќе донесеме одлука, изјави денеска Дурмиши.



