СДСМ бара да бидат објавени клиниките каде непотребно се вршеле кардиохируршки интервенции

Опозициската СДСМ бара итно да бидат објавени клиниките каде пациентите биле непотребно испратени на кардиовакуларни операции откако денеска министерот за здравство Азир Алиу заедно со Интерната комисија излегоа со првични наоди.
– Итно и транспарентно да се објават клиниките, како и сите поединечно инволвирани во процесот на носење одлука за операција на пациентите за кои, според Алиу, веќе е утврдено дека не требало да бидат оперирани.
Секое спротивно однесување на Алиу создава сомнеж за манипулација со конечната верзија на извештајот и неоправдано ги етикетира сите здравствени институции и лекари, наместо точно да ја лоцира одговорноста, велат од СДСМ.
Според СДСМ, ако веќе е утврдено, нема ниту една причина да не се соопштат наодите кои се утврдени, а истрагата потоа може да продолжи.
Министерот за здравство и Интерната комисија денеска соопштија дека во 10 случаи непотребно се извршени операции или пациентите биле праќани на интервенции. Од 25 пристигнати претставки, за шест било утврдено дека треба да бидат испратени до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а од останатите 19 случаи кои биле анализирани, кај 10 е утврдено дека пациентите непотребно биле препраќани на интервенции.
За случајот прв алармираше кардиохирургот Сашко Кедев кој за Канал 77 изјави дека во некои болници се вршат непотребни операции со цел да се добие профит.

Пронајдете не на следниве мрежи: