Спасовски: Предлог-буџетот за 2026 година изгледа исклучително развоен со силни финансиски компоненти

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Спасовски, во дебатата во комисијата, го пофали Предлог-буџетот за 2026 година како исклучително развоен со силни социјални компоненти.

Тој нагласи дека целта е да се забрза економскиот раст и да се спроведе фискална консолидација преку силна финансиска дисциплина, притоа нагласувајќи дека најголемиот двигател на растот ќе бидат бруто инвестициите.

„Во 2026 година се очекуваат позитивни случувања и се очекува економскиот раст да забрза за 3,8%, како резултат на зголемените инвестиции и последователното намалување на стапката на невработеност на историски најниско ниво од околу 10%, зголемување на пензиите и платите, како и солидно зголемување на приватната потрошувачка. Најголем придонес кон растот во 2026 година се очекува да дојде од бруто-инвестициите, преку реализација на големи инфраструктурни проекти финансирани од државата, во патната и железничката инфраструктура, главно Коридорите 8 и 10Д, како и проекти во енергетиката, земјоделството, образованието и здравството“, рече Спасовски.

Пратеникот Спасовски зборуваше за неколку проекти кои се од клучно значење за развојот на регионот и особено важни за општина Крива Паланка, нагласувајќи дека капиталните инвестиции во општините ќе ги подобрат условите за живот на граѓаните.

„Дополнителен стимул за бруто инвестиции ќе биде поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции насочени кон рамномерен регионален развој и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Важна ставка во Предлог-буџетот се капиталните расходи, каде капиталните проекти учествуваат со околу 9,8% од проектираниот буџет, соодветно тие се проектирани во износ од 660 милиони евра. Од овие средства ќе се реализираат инфраструктурни и енергетски проекти, капитални проекти од областа на комуникациите, општинската и локалната инфраструктура. Ќе се финансира западниот дел од Коридорот 8, изградбата на железницата како дел од Коридорот 8, каде што е пуштена во употреба првата делница од Куманово до Белакоча, интензивно се работи на втората делница од Белакоча до Крива Паланка за која се обезбедени средства, и третата делница од Крива Паланка до Деве Баир“, рече Спасовски.
The post Спасовски: Предлог-буџетот за 2026 година изгледа исклучително развоен со силни финансиски компоненти appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: