Советник од СДСМ во општина Карпош ќе биде исклучен од партијата бидејќи за изборот на претседател на Советот во општината гласал спротивно на партиските одлуки и ставови.
Одлуката ја донел Извршниот одбор на партијата на денешната седница. Од партијата не наведуваат за кој советник се работи.
– Советникот гласаше за изборот на претседател на Советот во Карпош спротивно на партиските одлуки и ставови. Согласно Статутут на СДСМ, непочитување на одлуките, работење и гласање спротивно на интересите на СДСМ како и нанесување значителна штета на партијата повлекува одговорност, а тоа се однесува и на сите избрани советници, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека ги осудуваат и сите притисоци, уцени и закани врз советниците во советите на општините на локално ниво од страна на ВМРО-ДПМНЕ, за што најавуваат соодветни мерки за нивна заштита.


