Кривична пријава е поднесена против пет лица меѓу нив и против поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко за уривањето на дел од спомен куќата на Владо Малески во Струга.
Мерко се товари за злоупотреба на службената положба и овластување.
Тој е третопријавен и се сомничи дека користувајќи ја службената положба и пречекорувајќи ги овластувањата, свесно и спротивно на актите од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид и решението од Управата за културно наследство, потпишал одобрение за градење на семејната куќа од првопријавениот.
Со кривичната пријава опфатени се и Н.К.(53) од струшкото село Велешта, кој се сомничи за кривично дело „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости”, како и против В.Н.(62) од Охрид за „несовесно работење на службата и против Р.М.(68), Н.Н.(56) и Ѓ.Д.(59) сите од Струга осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување.
На 15 октомври годинава, првопријавениот, како инвеститор на катарстарска парцела во Струга, ги поткопал темелите од јужниот ѕид на соседната спомен куќа-музеј на Владо Малески, која од 2017 година е прогласена за споменик заштитен како значајно културно наследство.
Второпријавената, како архитект – конзерватор во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид“, на основниот проект за семејната куќа, ставила потпис и печат и одобрила мислење за усогласеност со идеен проект со што, свесно постапила спротивно на Законот за заштита на културното наследство.
Четвртопријавениот, со пречекорување на службената положба, овластувањата, како раководител на Oдделението за урбанизам го изготвил одобрението за градење, а го одобрил петтопријавениот како, помошник раководител на Секторот за урбанизам, комунални дејности, сообраќај и заштита на животна средина во општина Струга.


