Семејствата на загинатите во пожарот во Кочани стравуваат дека ќе бидат изманипулирани и дека и овој случај ќе заврши како оние за Модуларната болница и Ласкарци.
Дел од родителите во изјава за медиумите рекоа дека ниту со 20 години затворска казна не може да биде задоволена правдата бидејќи згаснати се 63 млади животи, а дел од повредените се уште се опоравуваат и имаат последици.
За семејствата на загинатите, овој судски процес е најголемиот испит на државата.
– Толку се чуствуваме исцрпени и омаловажени што уште од старт, од првите часови на судското рочиште гледам адвокати познати кои ги гледав по телевизиите, а сега се бранители на обвинетите и со свои шеми и математики дејствуваат за нас оштетените да не уништат, изјави татко на загинат во пожарот.
Судското рочиште почна денеска под силно полициско обезбедување. На обвинителна клупа седнати се сопственици на локали, на агенции за обезбедување, поранешни градоначалници, поранешни министри за економија….
Во пожарот што се случи во дискотеката Пулс на 16 март животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.


