Компанијата „Мета Платформс“ под водство на Марк Закерберг смета дека паметните телефони полека го губат својот примат и наскоро ќе бидат заменети со паметни очила.
Мета веќе развива уред наречен „Орион“, а прототиповите се презентирани на јавноста и моментално се тестираат.
Во неодамнешно интервју за порталот „The Verge“ , Закерберг изјави дека верува оти во текот на триесеттите години од овој век, мобилниот телефон ќе стане секундарен уред.
Според него, ќе дојде време кога телефонот ќе остане во џебот поголемиот дел од денот, додека сите клучни функции ќе се извршуваат преку очила кои изгледаат како обичен моден додаток.
Станува збор за уред кој може да фотографира и снима, да пушта музика и видеа, да прима и чита пораки и е-пошта, да преведува говор во реално време, да прикажува навигација директно во видното поле и да нуди проширена и виртуелна реалност.
Очилата би можеле да обезбедат информации за објектите што ги набљудуваме, да го мерат пулсот и други параметри, а сето тоа додека се поврзани со напредна вештачка интелигенција.
Фотографија:
Закерберг истакнува дека можеме да очекуваме транзиција слична на онаа што веќе ја видовме кога корисниците се префрлија од компјутери на паметни телефони.
Бидејќи милијарди луѓе денес носат очила секој ден, тој верува дека тие ќе бидат првите што ќе се префрлат на паметни очила, додека оние кои вообичаено не користат очила ќе ги прифатат подоцна.
Во Мета, новиот модел се нарекува „Орион“. Прототипите за прв пат беа прикажани во текот на 2024 година, но датумот на комерцијално лансирање сè уште не е објавен. Најголемите предизвици остануваат високата цена на производство и ограниченото траење на батеријата, што беше една од главните причини за неуспехот на паметните очила на Google .
Сепак, Мета верува дека очилата како Орион ќе станат клучен личен уред во следната деценија, можеби дури и наследник на мобилниот телефон.
The post Марк Закерберг тврди дека паметните телефони ќе исчезнат: Наскоро ќе бидат заменети со едно нешто appeared first on Во Центар.



