Да се биде добар сосед значи и да се биде искрен еден со друг. Континуираното блокирање на следните чекори во нашиот пристапен процес од страна на Бугарија, не ѝ штети само на нашата нација. Тоа го ослабува стратешкиот кредибилитет на проширувањето во целиот регион и на долг рок не им служи ниту на интересите на Бугарија. Стабилен и просперитетен сосед ориентиран кон ЕУ на западната граница на Бугарија е предност, а не закана, истакна министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на 24. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија.
Шефот на македонската дипломатија посочи дека остануваме конструктивен и предвидлив партнер посветен на спроведувањето на меѓународните обврски, но дека прашањата за македонскиот јазик и иднетитет не може да бидат предмет на преговори.
– Сакаме односи со Бугарија кои се дефинирани со споделени можности, а не со трајна блокада. Ќе продолжиме да ги почитуваме нашите меѓународни договори и сме подготвени да ја продлабочиме соработката секаде каде што таа носи опипливи придобивки за нашите граѓани во поврзувањето, енергетиката, образованието, културата и разни други прекугранични проекти, рече Муцунски.
Порача дека земјата останува проевропски ориентирана, но она што го бара за возврат е партнерство со јасна визија и перспектива.
– Процес што е предвидлив, базиран на заслуги и разбирлив за нашите граѓани. Ако го направиме ова заедно, убеден сум дека можеме секој облик на европски песимизам да го претвориме во европски оптимизам, во нашата земја, во нашиот регион и низ целиот наш заеднички европски дом. Времето пред нас може да биде време на одлуки и на можности. Нашата држава е подготвена да го даде својот придонес, рече Муцунски.


