Македонските јавни претпријатија работат со огромен минус. Над 55 проценти од нив 2024 година според завршните сметки се со загуба. Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за финансиските резултати на локалните јавни претпријатија во земјава.
„Загубите на локалните јавни претпријатија во 2024 година се зголемени во однос на 2023 година дури за 56 отсто, односно за 6,2 милион евра. Во последните неколку години зголемен е и бројот на претпријатија што работеле со загуба и тоа од 54 во 2023 година на 71 претпријатие во 2024 година. Соодветно на тоа, намален е бројот на претпријатија што оствариле добивка во 2024 година, но вредноста на добивката на овие претпријатија е зголемена. Во 2024 година вкупната добивка изнесува околу 5,4 милиони евра што е за 24 отсто повеќе од 2023 година.
Освен што имаат загуби претпријатијата до гуша и во долгови, од вкупно 128 дури 126 немаат подмирено краткорочни обврски, 53,3 милиони евра неподмирено има скопски „Водовод и канализација“ кое што има и најголема загуба.
„Долгови на локалните јавни претпријатија, мерени преку нивните краткорочни обврски, изнесуваат 193 милиони евра. Долговите на 10-те најзадолжени претпријатија се 40 отсто од вкупните долгови на сите претпријатија. На дури третина од локалните јавни претпријатија им е блокирана банкарската сметка.
Во сите овие 128 претпријатија на локално ниво, во постојан работен однос има 12.009 вработени. Најмногу со над илјада имаат три скопски локални претпријатија – „Комунална хигиена“, ЈСП и „Водовод и канализација“. Од другите градови пак со најмногу вработени е штипски Исар.


