Димитриеска-Кочоска: Партнерството со САД не е административна соработка, туку долгорочна инвестиција

Ова партнерство не е само поддршка, туку долгорочен процес во зајакнување на институциите, зголемување на експертизата и создавање модерни системи што ќе обезбедат транспарентни, предвидливи и отчетни јавни финансии, нагласи министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, осврнувајќи се на соработката со Министерството за финансии на САД преку нивната Канцеларија за техничка помош (OTA).

Димитриеска-Кочоска нагласи дека соработката со Министерството за финансии на САД во секторите за буџет и трезор има длабоки корени и дека нашиот систем за планирање на буџетот првично е развиен со техничка помош од САД во периодот од 2004 до 2008 година и претставува основа врз која денес градиме современо управување со јавните финансии.

Враќајќи се на работата од изминатите години, министерот за финансии рече дека мисиите спроведени во управувањето со готовина, почетната обука за сметководство и пилот-проектот за консолидација на главната книга се особено важни. Од септември активно се работи на ревизија на класификацијата на програмите и 65 претставници од 29 институции веќе се обучени за програмско буџетирање и индикатори за резултати, додека во наредниот период треба да продолжи соработката преку подготовка на подзаконски акти од Законот за буџети, нов формат на Буџетот, развој на мерливи индикатори за перформанси и понатамошна консолидација на главната книга како стратешка реформа за транспарентни јавни финансии.

Во секторот на финансискиот систем, Димитриеска-Кочоска нагласи дека во текот на 2024 година се спроведени неколку мисии насочени кон интегрирани модели на супервизија, супервизорски способности и заштита на потрошувачите, како и дека во моментов се работи на новиот процес за собирање податоци, ажурирање на профилите на ризик и обука за супервизија базирана на ризик, кој ќе биде целосно имплементиран до крајот на годината.

Во областа на управувањето со јавниот долг, во 2023 година беше потпишан Меморандум за разбирање со OTA со цел напредок во управувањето со јавниот долг и развој на пазарот на државни хартии од вредност. Фокусот е ставен на развој на нова аукциска платформа, развој на пазарот на државни хартии од вредност и активно управување со портфолиото на јавниот долг.

„Партнерството меѓу Македонија и САД во областа на јавните финансии не е административна соработка, туку долгорочна инвестиција во стандарди, институционален интегритет и транспарентност. Овие програми директно придонесуваат за поефикасни институции, подобро управување со ресурсите, намалени ризици и поголема заштита на граѓаните“, нагласи Димитриеска Кочоска.
The post Димитриеска-Кочоска: Партнерството со САД не е административна соработка, туку долгорочна инвестиција appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: