Инфлацијата не ја создаваат ниските работнички плати. Таа е резултат на јавните трошења, владините политики, несправувањето со сивата економија, растот на функционерските плати и начинот на кој се поддржува бизнисот, вели претседателот на Сојузот на синдикати Слободан Трендафилов во интервју за „Проверено“.
Посочувајќи дека македонскиот работник е најсиромашен во регонот и Европа, Трендафилов е категоричен дека доколку не се слушаат аргументите за зголемување на минималната плата остануваат штрајковите и протестите.
Моќта е во работниците и нивната бројност организирани во ССМ. Сите работници кои сметаат дека имаат ниска плата, кои сметаат дека платата не им е соодветна на трудот кој го вложуваат, кои сметаат дека работодавачите не ги ценат доволно или ги потценуваат, а не можат сами да го променат тоа треба да ни се придружат. Ги повикуваме работниците да ни дадат што е можно поголема поддршка во наредниот период за следните чекори кои ќе ги направиме.Доколку аргументите не се слушаат, ССМ ќе биде принуден, заедно со работниците, да премине на следните синдикални чекори, вклучително и протести и штрајкови, подвлекува Трендафилов.
Вели дека постои синдикално единство околу потребата за зголемување на платите, но дека разликата е во тоа кој е подготвен таа битка навистина да ја води, а кој поддржува само декларативно, односно кој синдикат бара зголемување на платите, а кој синдикат зазема страна.
Синдикатите не треба да бидат ниту на власта, ниту во опозиција, туку исклучиво на страната на работниците. ССМ тоа го докажал низ децении, протестирајќи и штрајкувајќи против секоја власт кога биле загрозени работничките права.Тоа го покажавме изминатите години затоа што не е важно ниту кој е на власт, ниту кој е во опозиција.ССМ протестираше и штрајкуваше и на едните, протестира и штрајкува и на другите, и ќе протестира и ќе штрајкува и на следните секогаш кога работниците ќе го побараат тоа од него.За жал, постојат обиди за формирање синдикати кои ја релативизираат потребата од зголемување на платите и целосно ја повторуваат реториката на Владата и работодавачите, вели Трендафилов.
Во прилог целото интервју со претседателот на ССМ:
Во понеделникот беше последната седница на ЕСС за оваа година. Договор за зголемување на минималната плата нема. Ги повикавте Владата и работодавачите да се договорат. Елегантно Ве откачија или им верувате дека ќе ве побараат?
Очекуваме Владата и работодавачите да ја преземат одговорноста и да постигнат договор за зголемување на минималната плата.Доколку тоа не се случи и работниците ја дочекаат Новата година со најниски плати и без перспектива, ќе биде јасно дека институциите не го слушаат гласот на работниците.Во таква ситуација, работниците преку ССМ ќе ги искористат сите легитимни синдикални механизми за да го изразат своето незадоволство.
Образложението на Владата е дека немало економска оправданост за интерветно зголемување. Ќе се зголемела инфлацијата и тоа ќе било голем притисок врз малите и средните фирми. Вие секако ке кажете за притисокот од работниците. Што е всушност причината?
– Инфлацијата не ја создаваат ниските работнички плати. Таа е резултат на јавните трошења, владините политики, несправувањето со сивата економија, растот на функционерските плати и начинот на кој се поддржува бизнисот
Македонските работници според последните официјални податоци се најсиромашни во регионот и во европа, со најниска минимална и најниска просечна плата, а од друга страна, и покрај тоа, тие се продуктивни и на газдите им создаваат нето добивка по вработен помеѓу 5 и 10 илјади евра на годишно ниво, односно ги богатат газдите со сопствениот труд и сопствената пот.
Ако не е доволна причина тоа што 33,1% од вкупниот број на работници имаат плата под 30.000 денари со која не можат да врзат крај со крај во месецот, ако не е доволна причина тоа што на едно семејство денеска му се потребни 2,6 минимални плати за да ги покрие само најосновните потреби и да ги купи основните прехранбени производи за преживување, тогаш што друго да биде причина.
Но, можеби една од причините е тоа што еден функционер со својата плата може да си дозволи 2 до 2,5 Синдикални минимални кошници, тогаш зголемувањето на минималната плата не е луксуз – туку нужност.
На социјалните медиуми беше објавено видео од прес-конференција на Христијан Мицкоски во времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција во кое вели дека е потребно да се зголемат не само минималната плата, туку и останатите плати. Што се смени во меѓувреме за Мицкоски?
– Тоа прашање треба да му го поставите нему. ССМ не коментира политички изјави, туку инсистира на конкретни политики и решенија во интерес на работниците, без разлика кој е на власт.
Исходот од ЕСС и изјавите дадени по состанокот укажуваат на тоа дека работниците со минимална плата ќе ја пречекаат Новата Година со само 24.379 денари . Чаре? Има ли синдикатот моќ за чекор повеќе?
– Моќта е во работниците и нивната бројност организирани во ССМ. Сите работници кои сметаат дека имаат ниска плата, кои сметаат дека платата не им е соодветна на трудот кој го вложуваат, кои сметаат дека работодавачите не ги ценат доволно или ги потценуваат, а не можат сами да го променат тоа треба да ни се придружат.
Ги повикуваме работниците да ни дадат што е можно поголема поддршка во наредниот период за следните чекори кои ќе ги направиме.
Доколку аргументите не се слушаат, ССМ ќе биде принуден, заедно со работниците, да премине на следните синдикални чекори, вклучително и протести и штрајкови.
Низ годините, а и сега, сме сведоци дека синдикатите во земјава не се обединуваат кога станува збор за егзистенцијалните прашања на работниците. Едни се на власта други се на опозицијата, стандард. Но, тоа се погрешни стратегии на раководствата затоа што работниците немаат кар, немаат достоинствена плати. До лидерството е кое се купува или… или таков ни е народот ?
Синдикатите не треба да бидат ниту на власта, ниту во опозиција, туку исклучиво на страната на работниците.
ССМ тоа го докажал низ децении, протестирајќи и штрајкувајќи против секоја власт кога биле загрозени работничките права. Тоа го покажавме изминатите години затоа што не е важно ниту кој е на власт, ниту кој е во опозиција. ССМ протестираше и штрајкуваше и на едните, протестира и штрајкува и на другите, и ќе протестира и ќе штрајкува и на следните секогаш кога работниците ќе го побараат тоа од него.
За жал, постојат обиди за формирање синдикати кои ја релативизираат потребата од зголемување на платите и целосно ја повторуваат реториката на Владата и работодавачите.
Со таков пристап, тешко е да се гради вистинско синдикално единство, а со такви синдикати кои се против работниците уште потешко се соработува.
Можеме ли барем еднаш да бидеме сведоци на синдикално обединување за едно суштинско прашање што ги третира работничките права?
Синдикалното единство постои околу потребата од зголемување на платите. Разликата е во тоа кој е подготвен таа борба навистина да ја води, а кој само декларативно ја поддржува, или кој синдикат бара зголемување на платите, а кој синдикат зазема страна на Владата и работодавачите и бара само почитување на законите, а со тоа и не зголемување на платите.
За крај ваша порака до работништвото и до Владата. До кога ќе чекате? Има ли последен рок? Најавувате порадикалнимерки, ама тоа за напролет, а до тогаш?
Пораката до Владата и работодавачите е јасна: време за одлука имаат до крајот на годината. Секое одолговлекување, значи свесно оставање на работниците во сиромаштија.
Работниците веќе јасно се изјаснија – 99,5% од испитаниците во анкетата на ССМ се подготвени уште од јануари да поддржат протести и штрајкови.
ССМ ќе постапи согласно таа волја.


