Во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На денешното рочиште е предвидено сведочење на законски застапници на оштетените во случајот.
На изминатото рочиште на предлог на обвинителството сведочеше сопственик на авто-лимарски сервис лоциран веднаш до дискотеката кој зборуваше за реновирањето на „Пулс“ од неговата перспектива како сосед на објектот, како и за трагичната ноќ кога објектот беше зафатен од пожар.
Претходно, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето е чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“. Тој порача дека не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи, посочувајќи дека трагедијата не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“. Јанев нагласи дека се бара правда, не како одмазда, туку како последица на незаконитост и занемарена должност.
Сите обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Повеќемина обвинети, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението. Нивните одбрани тврдат дека обвинетите не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраната најави изведување докази и сведоци што, според нив, ќе ја потврдат оваа теза.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.


