Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, денес објави дека е донесена одлука за купување нови електрични локомотиви во вредност од 21 милион евра.
„Со особено задоволство најавуваме инвестиции во железничкиот транспорт во вредност од 21 милион евра, наменети за купување до пет нови електрични локомотиви, заедно со потребните резервни делови.
Оваа инвестиција ќе се реализира преку Договор за заем помеѓу HM Transport и ЕБОР, а ѝ претходеше темелна анализа на реалните потреби, функционалност и оперативност на HM Transport – анализа која јасно покажа дека без модерни и функционални локомотиви, железницата не може да ја исполни својата економска улога.
И искрено мора да кажеме дека ситуацијата што ја наследивме беше катастрофална.
До неодамна, HM Transport немаше ниту една целосно функционална локомотива. Повеќе од дваесет меѓународни товарни возови беа запрени во Гевгелија, без можност за транспорт на товар до европските пазари. Ова значеше изгубени договори, изгубени приходи и изгубена доверба.
Но, работите почнаа да се менуваат. Со напорна работа, посветеност и одговорност, од јули до септември 2024 година, беа пуштени во употреба пет локомотиви, а до февруари 2025 година – вкупно десет од 46-те постојни локомотиви. Тоа беше првиот чекор кон стабилизација, но и јасен сигнал дека проблемите не се решаваат со изјави, туку со работа.
Сепак, мора да бидеме свесни за реалноста, просечната старост на дизел локомотивите е над 60 години, а на електричните над 40 години. Ова не е одржливо, ниту економски, ниту безбедно, ниту еколошки“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Пронајдете не на следниве мрежи:



