Американскиот претседател Доналд Трамп за првпат се обрати на јавноста во емисијата „Фокс њуз“, откако САД ја нападнаа Венецуела два часа по полноќ денес, апсејќи го нејзиниот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес.
Тој тврди дека за време на нападот имало неколку повредени меѓу припадниците на американските сили, но дека никој не е убиен. Тој најави дека САД ќе бидат силно вклучени во венецуелската нафтена индустрија и уверува дека разговарал со Мадуро пред една недела, велејќи му дека мора да се откаже и да се предаде.
„Моравме да направиме нешто многу попрецизно, многу посилно“, додава Трамп.
Тој посочи дека имале намера да го извршат нападот пред четири дена, но дека не е вистинско време за тоа.
„Времето мора да биде совршено. Одеднаш се разведри и рековме: ајде да одиме“, нагласи тој.
Тој истакна дека венецуелскиот претседател бил уапсен во куќа која повеќе личи на тврдина. Исто така, потврди дека Мадуро и неговата сопруга се однесени во Њујорк.
На прашањето дали би ја поддржал опозиционерката Марија Корина Мачадо, која моментално е во Норвешка и која беше минатогодишен добитник на Нобеловата награда за мир, тој одговори дека ќе го разгледа тоа.
„Венецуела има потпретседател, како што знаете. Не знам какви избори беа тоа, но знаете, изборот на Мадуро беше срамота“, рече тој.
Трамп нагласи дека ова е јасен американски сигнал и рече дека Америка губи стотици илјади долари годишно од дрога и дека тој повеќе нема да дозволи ова да се случува.
The post Трамп по нападот врз Венецуела: Чекавме совршен момент, ќе се вклучиме силно во нивната нафтена индустрија appeared first on Во Центар.



