Сириските власти ги повикуваат цивилите да се евакуираат од делови од Алепо поради континуираните судири со Курдите

Сириските власти ги предупредија цивилите да ја напуштат спорната област во северниот град Алепо и отворија коридор за евакуација за нив втор ден по ред, додека продолжуваат судирите меѓу владините и курдските сили.

Владата на покраината Алепо им даде рок на жителите до 13 часот по локално време да се евакуираат во координација со армијата.

Државната новинска агенција САНА, повикувајќи се на армијата, соопшти дека армијата ќе започне „целни операции“ против Сириските демократски сили (SDF) предводени од Курдите во населбите Шеик Максуд, Ашрафие и Бани Заид половина час по истекот на рокот, објави АП.

Новинарот на АП известува дека слушнал спорадични звуци на гранатирање додека цивилите го напуштале подрачјето утрово.

Секоја страна ја обвинуваше другата за намерно гаѓање цивилни населби и инфраструктура.

Судирите се одвиваат во услови на застој во политичките преговори меѓу државата и СДФ.

Раководството во Дамаск, под водство на привремениот претседател Ахмад ал-Шара, во март потпиша договор со СДФ, кои контролираат голем дел од североистокот, за спојување со сириската армија до крајот на 2025 година.

Некои од фракциите што ја сочинуваат новата сириска армија, формирана по падот на поранешниот претседател Башар ал-Асад во бунтовничката офанзива во декември 2024 година, претходно беа бунтовнички групи поддржани од Турција кои имаат долга историја на конфликт со курдските сили.

СДФ со години е главен партнер на Америка во Сирија во борбата против Исламска држава, но Турција ги смета СДФ за терористичка организација поради нивните врски со Курдистанската работничка партија, која предводи долгогодишен бунт во Турција.
The post Сириските власти ги повикуваат цивилите да се евакуираат од делови од Алепо поради континуираните судири со Курдите appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: