ВИДЕО: Камерите го фатија напаѓачот што ја скрши вратата на бугарската амбасада

Бугарската амбасада во Скопје објави видео од напаѓачот што ја скрши влезната врата на објектот. На снимката се гледа како се приближува до амбасадата и со силен удар замавнува кон вратата, по што заминува.

„Неказнетиот говор на омраза има последици! Неказнетите напади врз бугарските здруженија имаат последици! Денеска беше извршен напад врз Амбасадата на Бугарија во Скопје. Недостатокот на санкции продолжува да ги охрабрува сторителите. Поттикнуваната омраза и постојаните лаги и натаму ги охрабруваат извршителите. Надлежните институции на земјата домаќин се известени,“ се вели во објавата на бугарската амбасада.
Македонското МНР го осуди инцидентот во кој денеска непознато лице скрши стакло на објектот во кој е сместена Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го осудува инцидентот што се случи денес, во кој непознато лице скрши стакло на објектот во кој е сместена Амбасадата на Република Бугарија во Скопје“,велат од МНР
Претходно од Министерството за внатрешни работи информираше дека инцидентот бил забележан преку видео-надзорот на амбасадата, при што службеник за безбедност пријавил дека едно лице оштетило стакло на влезната врата на објектот.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за утврдување на идентитетот на сторителот и за целосно документирање на настанот.
Во меѓувреме, бугарското Министерство за надворешни работи реагираше остро, оценувајќи го инцидентот како недозволиво посегнување врз дипломатска мисија и сериозно прекршување на меѓународните норми.
Од Софија побараа брза и ефикасна истрага, како и гаранции за безбедноста на нивното дипломатско претставништво во Скопје, најавувајќи дека внимателно ќе го следат развојот на случајот.

Пронајдете не на следниве мрежи: