В. Д. помошник министер на Р.Србија, амбасадорката Наташа Рашевиќ денес во Белград му ја предаде егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија, Душан Адамовиќ, соопшти српското МНР.
Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево, со конзуларна јурисдикција која ја опфаќа територијата на административната област Јужен Банат.
Во оваа област живееат голем број на Македонци и се наоѓаат населби со најголема концентрација на наши иселеници, како Панчево, Јабука и Качарево.
На презентацијата на егзекватурата во Министерството за надворешни работи присуствуваа амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Србија, Никола Тупанчески и првиот секретар во Амбасадата, Гоце Пејовски.
Во таа прилика беа потврдени пријателските врски меѓу двете земји и блискоста на двата братски народи, како и очекувањето дека по стапувањето на функцијата почесниот конзул Душан Адамовиќ ќе даде дополнителен поттик за унапредување на билатералните односи меѓу Република Србија и Република Северна Македонија.


