СДСМ: Мицкоски беше во Давос поради туризам, не се сретна со ниту еден европски лидер

„Дипломатската изолација на Мицкоски беше очигледна во Давос. Премиерот немаше ниту една средба со светски или европски лидер. Се снимаше по ходниците и правеше туризам на сметка на граѓаните“, реагираат од СДСМ.

Од СДСМ велат дека единствената средба што ја одбележала неговата посета на Давос била со сопственикот на унгарската компанија 4iG, поврзана со режимот на Виктор Орбан.

„Ова покажува колку Мицкоски му служи на Орбан во проширувањето на неговото политичко и деловно влијание. Во овој поглед, релевантна е и неодамнешната одлука на Владата на Мицкоски да ја воведе компанијата 4iG во телекомуникацискиот сектор. Ова не е инвестициски успех, туку политички проект за преземање контрола врз стратешките сектори како што се телекомуникациите и медиумите, создавајќи мрежа на авторитарни влијанија што го изолираат регионот од ЕУ. Сопствениците на провладините портали што се дел од медиумскиот октопод Алфа-Алта се главно од Унгарија и директно поврзани со Орбан. СДСМ веќе два месеци предупредува за планот на ВМРО-ДПМНЕ за преземање контрола врз стратешките сектори, особено медиумите, а овој план станува сè повидлив“, се наведува во реакцијата.

СДСМ повикува на заштита на националните интереси од странски влијанија што ја загрозуваат независноста и европската иднина на Северна Македонија.
The post СДСМ: Мицкоски беше во Давос поради туризам, не се сретна со ниту еден европски лидер appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: