Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање денес посочи дека меѓународната позиција на Македонија е загрижувачка, а политиките на владата ја водат земјата кон изолација.
Филипче нагласи дека недостасуваат конкретни резултати на надворешен фронт.
„Гледаме дека премиерот не успеа да обезбеди ниту една средба со ниту еден европски претставник на Форумот во Давос. Целосно маргинализиран, прави селфиња по ходниците, нема никакви важни состаноци“, рече Филипче.
Дека владата ја води земјата во изолација покажуваат и односите со клучните стратешки партнери, особено САД, каде што, како што истакна Филипче, недостасуваат конкретни резултати и поддршка.
„Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер со децении. Ако владата се фалеше дека е во рамките на периметарот и така натаму, видовме дека немаме никаква корист. На крајот на краиштата, ние сме изолирани. Погледнете како САД нè оставаат настрана. Оваа влада нема покана за „Одборот за мир“, претседателот Трамп и новата администрација имаат други земји во регионот. Ова е само доказ дека владата намерно ја води земјата во изолација, внесува сомнителен капитал, соработува со авторитарни режими во регионот, ја задушува демократијата и слободата на говорот, а ова едноставно не води никаде“, рече Филипче.
Тој додаде дека владата на ВМРО-ДПМНЕ дури и не ги исполнила своите ветувања во врска со подобрувањето на преговарачката рамка со ЕУ, што е уште еден доказ дека спроведува намерно сценарио за изолација на земјата.
The post Филипче: Мицкоски е изолиран на меѓународната сцена, позицијата на земјата е загрижувачка appeared first on Во Центар.



