Странската комисија за истражување на кардиолошките и кардиохируршките операции ја сочинуваат тројца врвни експерти од областа, меѓу кои:
Д-р Уголино Ливи, кардиохирург од Италија, со искуство како редовен професор од областа кардиохирургија на Универзитетот во Удине, а бил ангажиран како визитинг професор на универзитетите „Стенфорд“ и „Сан Диего“ во САД, кој има стекнато богато професионално искуство во областа на трансплантација на срце. Исто така, како експерт е член на уредувачките одбори на повеќе европски стручни списанија во оваа област.
Д-р Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија, со повеќегодишно работно искуство на раководна позиција во Универзитетскиот медицински центар Љубљана, кој воедно е и доктор на науки на Универзитетот во Марибор и има објавено повеќе стручни трудови посветени на кардиоваскуларната хирургија.
Д-р Черчек Миха, интервентен кардиолог од Словенија, со долгогодишно искуство на одделот за кардиологија (единица за коронарен третман), при Универзитетскиот медицински центар Љубљана. Овој експерт, исто така, има стекнато титула доктор на биомедицински науки на Универзитетот во Љубљана. Тој во рамки на својата експертиза бил ангажиран како истражувач на престижниот „Cedars-Sinai“ медицински центар во Лос Анџелес, САД, соопшти денеска Министерството за здравство.
Во номеври лани, Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции утврди дека се кај 10 од 19 анализирани случаи, непотребно извршени операции или непотребно се упатени за операции, соопшти министерот за здравство Азир Алиу тогаш.
Тој посочи дека од пристигнатите 25 случаи, комисијата утврдила дека шест треба да се испратат до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), бидејќи таа не е надлежна.
Додаде дека ова е само првична анализа и понатаму ќе се постапува заедно со меѓународна комисија за дополнителна анализа за случаите со проблематични индикации.
Инаку Комисијата беше формирана непосредно откако проф.д-р Сашко Кедев рече дека во приватни клиники се прават непотребни операции за профит.
Деновиве пак, професорот и академик Сашко Кедев, се повлече од Здравствениот совет при Министерството за здравство.
Во својата оставка, Кедев како главна причина за повлекувањето го наведува застојот во контролните процеси кои тој ги започнал откако открил дека на одредени пациенти им биле извршени тешки и скапи кардиолошки интервенции (како стентирање, бајпас и сл.) во приватни болници, иако според медицинските индикации тие не биле потребни.



