Обвинителството во Северна Македонија има оформено предмет во врска со запленетите пет тони марихуана во Србија, за којашто српските медиуми првично информираа дека била набавена од македонска територија.
„Обвинителството уште во петокот беше навремено и целосно информирано за настанот и без одлагање презеде активности во рамките на своите законски надлежности. Веднаш е воспоставена интензивна и континуирана комуникација со надлежните органи на Република Србија, со активна размена на релевантни информации и координација на дејствијата, со цел целосно и сеопфатно откривање на сите инволвирани лица и евентуални организирани структури поврзани со случајот на заплена на пет тони марихуана. Обвинителството има оформено предмет и веќе се преземаат конкретни, насочени и координирани дејствија за целосно утврдување на сите факти и околности за поврзаноста на Република Северна Македонија со овој случај, со цел обезбедување целосна кривично-правна одговорност“. велат од ОЈО.
Петте тони марихуана беа запленети на 29 јануари во регионот на селото Коњух кај Крушевац, централна Србија. Српската полиција ја оцени заплената како најголема во историјата на земјата, а вредноста на наркотикот се проценува на седум до десет милиони евра.
Вишиот суд во Белград одреди притвор за три лица.
Српското обвинителство предложи издавање налог за апсење, вклучително и меѓународен, за осомничениот Александар Мијајловиќ, кој е означен како организатор на организирана криминална група и е во бегство.



