За пиротехниката доаѓаше човек од Скопје, но вечерта на пожарот не беше во „Пулс“, тврди сведок

Пожарот во „Пулс“ настана од пиротехниката. Огнот се ширеше со голема брзина оти целиот плафон беше од сунѓер, рече во својот исказ Петар Марковски, кој сведочеше на денешното рочиште за пожарот во т.н. кабаре, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Тој успеал да се спаси, но и ден-денеска има последици, бидејќи во настанот му се оштетени дишните органи.

Одговарајќи на прашања на Обвинителството тој кажа дека бил чест гостин во „Пулс“ од својата 18. година. Денеска има 25 години. Критичната вечер ја посетил поради настапот групата ДНК. Биле заедно со неколумина другари, а во објектот пристигнале во 12:45 часот по полноќ. Билети купиле од Тодор Јованов, брат на сопственикот на Пулс, Дејан Јованов-Деко, кој бил задолжен за тој дел од работата. Кажа дека не им била издадена фискална сметка, што, не одговарајќи прецизно, се случувало и при претходните посети на објектот.

Од обезбедувањето вечерта биле присутни Лазар Захариев, Мартин Ѓеорѓиев, Ивица, чие презиме, рече, не го знае, и уште едно лице.

„Проверуваа лични карти и ни ставаа печати на рака на тие што имавме карти. Не ми беше побарана идентификација (лична карта) бидејќи ме знаат”, рече тој.

Одговарајќи на прашање на обвинителот тој го опиша влезот во т.н. кабаре, а прашан конкретно за вратата зад шанкот, кажа дека се користела како излез за малолетници при полициски рации. Тој одговори потврдно на прашањето дали во „Пулс“ имало малолетници критичната вечер. Рече дека во објектот не го забележал обезбедувањето, а не видел ниту полициски службеници.

Во однос на пиротехниката, тој кажа дека се користела и претходно, најмалку десетина пати кога тој бил гостин во „Пулс“. Прашан да ги опише овие пиротехнички средства, рече дека биле во вид на прскалки, а за критичната вечер рече дека на почетокот сè било, регуларно.

„Сè беше регуларно, сè до момент кога предложив да одиме да пиеме пијачка на шанкот, кога во тој момент се вклучија прскалките. Мислам дека беше околу 2.30.часот. Почна да гори плафонот. Во тој момент настана паника и луѓето почнаа да се движат кон излезот. Пожарот се ширеше со голема брзина бидејќи целиот плафон беше со сунѓер”, кажа тој.

Прашан од судијката Диана Груевска-Илиевска како знае дека станува збор за сунѓер, сведокот рече дека такво сознание имал од претходните години и се гледало дека плафонот е од таков материјал. Рече дека во тој момент настанала паника и сите оделе кон главниот влез, односно излез.

„Сите беа во паника и пред вратата се создаде стампедо, при кое јас се онесвестив и по неколку минути ме разбуди девојче што ме познава. Врз мене имаше три лица кои исто така беа онесвестени и бев заглавен под нив. Морав да ги соблечам патиките за да станам. Потоа продолжив кон излезот. Во тој момент моите другари почнаа да викаат кон мене за помош бидејќи еден од најдобрите другари лежеше на паркингот пред дискотеката. Во исто време помагав на сите на кои им беше потребна помош. По неколку минути се упативме кон болницата за да помагаме таму бидејќи гледавме и знаевме дека е хаос”, рече сведокот.

На прашањето дали некој ги упатувал како да го напуштат објектот, сведокот одговори негативно, додавајќи дека сè било хаос и сите оделе кон излезот.

Сведочеше дека не се сеќава дали во објектот имало противпожарни апарати, но критичната вечер го видел сопственикот Дејан Јованов-Деко како се обидува да го изгасне огнот на бината.

Во врска со повредите рече дека бил на лекување во Словенија. Во отпусната листа му пишувало дека му биле изгорени дишните патишта.

По него сведочеше Дејан Манасиев, кој од 2012 година работел како шанкер во Пулс. Кажа дека немал потпишано договор за работа, а од 2023 година бил осигурен на половина работно време. Манасиев, одговарајќи на прашања на обвинителот, рече дека не видел кој ја внел и кој ја активирал пиротехниката. Кажа дека на претходните настани во кои се користела пиротехника, доаѓал човек од Скопје со бела коса, кој ја поставувал. Критичната вечер тој човек не бил присутен во Пулс.

Во однос на мерките за безбедност рече дека видел противпожарни апарати – еден во ходникот, друг во билетарницата, а, како што кажа, веројатно имало уште еден на друго место. Не можеше да се сети дали имало хидранти за гаснење пожар во и пред објектот, а рече дека имало план за евакуација кој бил поставен во малиот ходник меѓу големата влезна врата и „каубојските” врати низ кои се влегувало во кабарето.

Пронајдете не на следниве мрежи: