Обвинение против поранешен министер и поранешен директор – деветмина се товарат за рушвет со ИПАРД фондовите

Поранешен министер барал пари од ИПАРД фондовите, ама неговата фирма не ги исполнувала условите, па нудел и дал мито, за директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој да замижи на едното око и да му ги одобрат европските пари. Нудел 50.000 евра поткуп, но не се соопштува колку пари требало да земе.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинение против девет лица и една фирма. Првообвинет за давање мито и за давање награда за противзаконито влијание е Џевдет Насуфи, поранешен министер за правда и за локална самоуправа во владата на Љубчо Георгиевски. Тој се товари дека како директор на фирма од струшко Велешта им дал 5.000 евра на тројца луѓе да влијаат и му нудел и дал пари на поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој Илија Стоилев за да потпише. Стоилев се товари дека требало да добие 50.000 евра. Уште четворица вработени во Агенцијата се обвинети за Злоупотреба на службената положба, зашто ја одобриле апликацијата без потребните документи.

„Обвинетите, постапувајќи спротивно на своите службени обврски, овозможиле незаконско одобрување на апликацијата. Тие при обработка и контрола на документацијата извршиле погрешна пресметка на исполнетоста на условите и врз основа на некомплетна документација го изработиле, контролирале и одобриле Образецот за контрола на комплетност на договорот, а потоа и Решението за одобрување на финансиска поддршка“, соопшти Обвинителството.

Обвинетите беа уапсени на почетокот на ноември. Телма тогаш објави дека сега веќе поранешниот директор Стоилев бил уапсен со првите 400 од ветените 50.000 евра. Тогаш беа уапсени пет луѓе меѓу кои и службеници во Министерството за земјоделство и во УЈП.

Пронајдете не на следниве мрежи: