Обилните снежни врнежи во Јапонија однесоа 30 животи

Екстремно обилни снежни врнежи однесоа 30 животи во Јапонија во текот на изминатите две недели, вклучувајќи и 91-годишна жена која беше пронајдена закопана во снегот пред нејзиниот дом, соопштија денес властите, пренесува Јапан тајмс.

Јапонската влада ја распореди војската за да им помогне на жителите во префектурата Аомори, која е најтешко погодена – до 4,5 метри снег се натрупани во изолирани области.

Премиерката Санае Такаичи вчера свика итен состанок на својот кабинет и побара од нејзините министри да сторат сè што е можно за да ги заштитат животите на граѓаните.

Силните студени воздушни маси предизвикаа обилни снежни врнежи во последните недели по должината на брегот на Јапонското Море, при што во некои области е регистрирана повеќе од двојно поголема количина од нормалната за сезоната.

Од 20 јануари, 30 лица загинаа во снежните врнежи, според јапонската агенција за управување со пожари и катастрофи.

Меѓу нив беше и Чина Џин (91) , чие тело беше пронајдено закопано во три метри снег пред нејзиниот дом во Аомори, изјави за АФП полицаец во областа.

Полицијата верува дека снегот предизвикал уривање на покривот на нејзината куќа и ја закопал. Таа починала од задушување, рече полицаецот. Лопата е пронајдена до нејзиното тело, рече тој.

Гувернерот на префектурата Аомори, Соичиро Мијашита, вчера изјави дека побарал помош од војската и дека тие отишле и помогнале во чистењето на снегот од домовите на постарите жители.

Пронајдете не на следниве мрежи: