Меки и вкусни како од пекара, без масло: Направете крофни од рерна

Крофните од рерна се совршена алтернатива на класичните пржени крофни. Тие се меки, миризливи и многу полесни за подготовка, без вишок масло и неред во кујната.Тие се идеален избор кога сакате домашно приготвено слатко кое е едноставно, а подеднакво вкусно.

Состојки за тестото:

600 грама брашно

150 грама шеќер

две јајца

30 грама свеж квасец

300 милилитри млако млеко

60 грама путер

прстофат сол

Други состојки по желба: шеќер во прав, чоколадо, шарени трошки

Подготовка:

Одвојте една лажичка шеќер и измешајте ја со малку млако млеко и квасец и оставете накратко да нарасне. Измешајте го брашното, солта и остатокот од шеќерот во сад и додадете ја смесата од квасец, млеко и шеќер.

Потоа додадете го остатокот од млекото, путерот на собна температура и јајцата. Замесете мазно тесто и покријте го со пластична фолија. Оставете го тестото на топло место да нарасне.

Откако тестото ќе нарасне, префрлете го на набрашнета површина и со сукало развлечете го на дебелина од еден сантиметар. Исечете го тестото со секач или чаша, а потоа направете помал круг во средината.

Вишокот тесто повторно замесете го и направете други крофни. Крофните наредете ги во плех обложен со хартија за печење. Оставете простор помеѓу секоја крофна бидејќи ќе нарасне за време на печењето.

Откако ќе ги наредите, покријте ги со чиста крпа и оставете ги на собна температура уште 30 минути. Во меѓувреме, вклучете ја рерната на 200 степени.

Кога ќе истече времето, ставете ги крофните во рерна и печете ги околу 10 минути, или додека не добијат златно-кафеава боја. Откако ќе се изладат, можете да ги премачкате и декорирате со додатоци по ваш избор.
The post Меки и вкусни како од пекара, без масло: Направете крофни од рерна appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: