Дури 61 фирма добила дозвола за одгледување на марихуана, 43 се активни, а на 14 им се одземени лиценците

По нарко аферата, односно откако во Србија беа запленети пет тони марихуана, а за кои сомнежот е дека се изнесени од македонска компанија која имала лиценца за одгледување на медицински канабис, повторно се отвори прашањето за работата на овие фирми и за контролата врз нивната работа.

Затоа прашавме во Владата колку вкупно фирми имаат ваква лиценца.

-Ви посочуваме дека во периодот од стапување на сила на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции (објавен во Службен весник на Република Македонија 27.12.2017 година) до 3 февруари 2026 година Владата донела одлуки за давање одобрение за одгледување на канабис за медицински цели за 61 правно лице, ни одговорија од Владата.

На прашањето, пак, колку од овие компании се активни во моментот, а на колку им биле одземени лиценците, ни одговорија:

-Во Македонија во моментов има 43 правни лица кои одгледуваат канабис за медицински цели. Владата (вкупно досега) за 14 правни лица донела одлуки за одземање одобрение за одгледување на канабис за медицински цели, поради неисполнување на законските услови. Исто така, Ве информираме дека во тек е постапка за одземање на одобренијата за 4 правни лица, одговорија од Владата за „Фокус“.

Иван Драгниќ, еден од српските државјанин, кој беше уапсен во голема полициска акција во Србија, за пет тони марихуана, а за кои сомнежот е дека е внесена од Македонија, има фирма во Скопје, односно е косопственик со уште тројца Срби.

Станува збор за фирмата АЛПХАПХАРМ ГРОУП ДОО Скопје, која е основана во 2023 година, со основна главнина од 529.050 евра. Компанијата, е регистрирана за одгледување и преработка на зачински, ароматични и лековити растенија за фармацевтска употреба.

Сепак, од податоците од Централниот регистер, се заклучува дека на фирмата не и одело толку добро, бидејќи работи со загуби. Последните податоци се за 2024 година, кога фирмата пријавила загуба од над 8 милиони денари.

,,Фокус” дојде и до податок дека на 16 април 2024 година, во Службен весник било објавено дека оваа компанија добила согласност за одгледување на канабис за медицински цели.
The post Дури 61 фирма добила дозвола за одгледување на марихуана, 43 се активни, а на 14 им се одземени лиценците appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: